Како да им покажете на вработените дека ги почитувате

103

Без оглед на тоа која работа ја работат луѓето, платата што ја земаат и позицијата на којашто се наоѓаат, секој сака да биде почитуван од колегите и претпоставените. Во најмала рака секој заслужува да биде почитувано неговото време, работа и труд вложени во компанијата. Ако сте работодавач, треба да бидете свесни за вредноста на вашите вработени, но и тоа да им го покажете преку начинот на којшто ќе се однесувате кон нив. Постојат неколку начини преку коишто ќе им покажете почит на луѓето кои работат за вас.

Почитувајте ја нивната личност

Секој е личност за себе со свои карактерни особини, желби, преференции, начин на работа и желба за мотивирање. Секој индивидуалец е различен, а вие како нивен претпоставен треба да го почитувате тоа. Не треба од нив да барате да размислуваат како вас, бидејќи тие имаат свој модел на однесување кон работата.

Покажете им малку внимание

Ако најдете начин да им покажете на вработените дека ви значат, дека сте задоволни што работат за вас и дека сте благодарни за нивните заложби, тогаш ќе добиете лојални вработени. Покажете дека ви е важно нивното мислење, активно вклучете ги во сите процеси на работа.

Кажете им благодарам

Тоа нека не биде само декларативно, туку покажете дека тие се ваша инспирација и потпора во ситуации кога чувствувате дека можеби нема да успеете. Предновогодишните забави се одлична можност да им се заблагодарите на вашите работници. Не треба да ги однесете во најскапиот ресторан, туку одберете начин како во опуштена атмосфера да поминете време со нив, да зборувате на различни теми и да поминете квалитетно време заедно.

Подарете нешто

Искористете ја предновогодишната атмосфера. Оставете по некој симболичен подарок со кратка порака на нивното биро. Како ќе доаѓаат на своето работно место, кај вработените ќе измамите насмевка и ќе им го разубавите денот.

Покажете грижа за нивните семејства

Бидете флексибилни и покажете разбирање за оние колеги кои имаат некој приватен проблем или обврска. Дозволете им на оние кои се родители да заминат порано од работа за да присуствуваат на училишната претстава на нивните дечиња. Ако некој од вработените има некаков проблем или тешка ситуација во семејството, понудете некаква помош или поддршка.

Фото: Pexels