Како да издржите на + 40

12

sonce-pexels

Фото: Pexels

Кога живата на термометарот го достигнува и 40-от степен, станува неподносливо како за хронично болните, така и за потполно здравите и младите луѓе.

Подолу прочитајте неколку корисни совети како да ги издржите високите температури:

Не изложувајте се непотребно на сонце

Високите температури значат и високо и штетно зрачење на сонцето. Од таа причина избегнувајте непотребно изложување на сонце особено во период од 10 до 17 часот. Надлежните препорачуваат во тој дел од денот да избегнувате напорни физички активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности.

Пијте многу вода и избегнувајте тешка и масна храна

Во текот на тропските летни денови телото губи многу течности, затоа од особено значење е пиењето на вода. Лекарите препорачуваат да се внесуваат околу два литри течност, најмногу обична вода или свежи сокови. Избегнувајте ги газираните и соковите со многу шеќери. Во текот на летото заборавете на масната и зачинета храна и во вашето дневно мени главниот збор нека го имаат свежото овошје и зеленчук.

Носете светла, лесна и памучна облека

Доколку одите на работа или мора да излезете во текот на денот, при изборот на гардероба пресудни нека бидат парчињата облека во светла боја и природни материјали. На тој начин, нема да ги привлекувате сончевите зраци, полесно ќе се движите и ќе и дозволите на кожата на диши.

Крема со заштитен фактор, очила за сонце и шапки

Овие додатоци не се задолжителни само кога одите на плажа, туку и во секојдневното движење. Високото УВ зрачење штетно влијае на кожата и може да предизвика алергии и појава на различни болести. Очилата за сонце ги штитат очите и го олеснуваат движењето низ градот, додека шапките ја заштитуваат главата, а може да послужат и како одличен моден додаток.

Често туширање со млака вода

Туширањето со млака вода ќе ве освежи и ќе ве ревитализира по напорниот работен ден. Во текот на денот, доколку имате напорни активности практикувајте туширање и неколку пати во денот, користејќи благ сапун или миризлива купка.

Престојувајте во разладени простории – но, внимателно

Доколку останете дома или сте во канцеларија, во тој случај разладете ја просторијата со клима уред или пак со често проветрување. Се препорачува да ја затемните просторијата бидејќи ќе биде попријатно за седење. Но, бидете внимателни бидејќи прекумерното користење на вентилаторите, клима уредите или провевот може да ви создадат големи проблеми со здравјето. Внимателно користете ја климата или отворените прозорци додека сте во вашиот автомобил, бидејќи организмот доживува шок од температурните разлики.