Како да ја зголемите продуктивноста во работниот простор

29

pexels-photo-374006

Фото: Pexels

Местото каде што работите треба да ги обезбедува сите услови што се потребни за добра продуктивност. Секој човек е посебен и не влијаат сите стимуланси исто на луѓето. Сепак, постојат неколку работи што помагаат за зголемување на продуктивноста без разлика на возраст, пол и преференции.

Прилагодена температура

Температурата во работниот простор мора да биде прилагодена според временските прилики. Зимскиот период обезбедете доволно топлина, а во лето кога температурите се многу високи бидете сигурни дека има соодветно разладување. Во спротивно, продуктивноста ќе биде значително намалена.

Природна светлина

Природната светлина е многу важна, затоа потрудете се да ја има колку може повеќе во канцеларијата. Сончевите зраци делуваат позитивно на расположението и ја зголемуваат енергијата. Светлината е еден од најважните фактори за добра концентрација и креативност. Лошо осветлување може да предизвика замор, главоболка, вознемиреност што влијаат контрапродуктивно на луѓето.

Удобност

Столчето и бирото каде што се седи треба да бидат прилагодени на индивидуалните потреби на работникот. Ергономскиот облик/форма е многу важен за обезбедување на удобност при работењето. Доколку не се обезбедат овие услови за работа не може да се очекува голема продуктивност. Вработените постојано ќе бараат начин да ја пронајдат совршената позиција/положба, а со тоа ќе се губи и време што би можело да се искористи многу поефикасно.

Уредност

Креативниот неред може да биде продуктивен за многу мал број на луѓе со специфични професии, но сепак од голема важност е просторијата каде што работите да биде уредна и чиста. Доколку работите во голема просторија со многу луѓе, потрудете се барем вашиот дел да биде онака како што треба, ослободен од сите непотребни работи и нечистотија. Не дозволувајте нередот да ја наруши продуктивноста.

Прилагодени бои

Вистинската нијанса на боја во просторијата може да придонесе за зголемување на продуктивноста. За сината се вели дека влијае на умот, црвената на телото, жолтата на емоциите и зелената на балансот. Сепак, треба да се внимава да не се претера со премногу боја на премалку простор. Нагласените нијанси помагаат во креативноста, но можат да пречат доколку работната позиција бара поголема фокусираност и минималистички пристап.

Слушалки

Во моментите кога е потребна поголема концентрација, а канцеларијата е прилично бучна, слушалките можат да завршат работа. Секој треба да има еден пар и да го користи во ситуации кога ќе затреба.