Како да му посакате добредојде на новиот колега

247

Веќе некое време вашата компанија има потреба од нови колеги. По долгиот процес на селекција, разговори со потенцијални кандидати, неколку круга тестирање… менаџментот го одбра новиот колега. Редот е на колективот да му посака добредојде, да му покаже кои навики се стекнуваат во компанијата, по кои правила треба да “игра“.

Бидете подготвени да му ја раскажете историјата

Вие како претпоставен или постар и поискусен колега, треба на “новодојденецот“ да му ја раскажете историјата на компанијата. Да го запознаете со почетоците на фирмата, низ какви процеси поминала, со какви предизвици се соочила и како “трнлив“ пат поминала за да стигне до овој стадиум денес.

Интерните процедури како водич за полесна адаптација

Секоја компанија има свој начин на работа. Кај поголемите компании постојат пишани документи според коишто се анализираат процесите на работа во чекори. На тој начин, доколку на новиот колега му ги дадете на увид тие интерни процедури, неговиот период на адаптација ќе му биде полесен. Така, ќе знае од кои чекори се состојат работните активности, кој за што е задолжен, кој е претпоставен и како се заокружува работата.

Паузите како можност за подобро запознавање

Искористете ја паузата за кафе или “жртвувајте“ го времето предвидено за ручек, за да разговарате и да се запознаете со новиот колега. Одбегнувајте премногу лични и директни прашања. Започнете со неформални и општи теми, па во моментот кога новиот колега ќе стекне впечаток дека сте му пријател, може да ви каде одредени детали од приватниот или професионалниот живот.

Не бидете себични, споделете го искуството

Постојат луѓе кои се плашат за својата работа и љубоморно за себе ги чуваат сите детали поврзани со работата. Новиот колега не е дојден да ви ја преземе работата и платата, туку да гради сопствена кариера и да биде платен во согласност со сработеното. Доколку работното место бара одредени вештини, постојат некои трикови за полесно совладување на работата или контакти на луѓе со кои во иднина ќе треба да комуницира, не бидете себични, туку споделете ги и помогнете му на новиот колега.

Фото: Pexels