Како да напишете cold mail на кој ќе одговорат и најзафатените?

279

Cold mail е електронска порака што се испраќа на еден или повеќе лица без да биде остварен претходен контакт. Испраќањето на таканаречен cold mail може да биде “мост“ до нови клиенти, вработени, па дури и до нова работа.

Сепак, тешко е да се допре до публика со којашто не сте во постојана комуникација, но ако имате потреба од развивање нови контакти, проширување на продажната мрежа или презентирање на новиот производ на нов пазар… постојат тактики што може да ви помогнат да напишете ефикасен cold mail.

Насловот на мејлот нека биде привлечен

Ако сакате да започнете комуникација со лица со кои претходно не сте оствариле никаков контакт треба да изберете наслов на мејлот што ќе го привлече нивното внимание. Исто така, треба да имате предвид дека електронското сандаче постојано им се полни со потребни и непотребни мејлови, важно е вашиот cold mail да се истакне меѓу сите тие пораки.

Одберете вистинско време за да го испратите мејлот

Освен што е важно да изберете впечатлив наслов на мејлот, исто така, важно е да го испратите во вистински момент. Тоа значи дека најдобро би било да го испратите или на почетокот или пак на крајот на работниот ден. Вообичаено, луѓето ја проверуваат електронската штом дојдат на работа и секако на крајот на работното време пред да си одат дома.

Поттикнете понатамошна комуникација

Бидејќи се обидувате да го направите првиот чекор во комуникацијата, тогаш оставете простор да ве исконтактира и другата страна. Дајте им можност да ве побараат кога ќе имаат време или предложете им време и место што би го прилагодиле на нивните потреби.

Проверете правописни и граматички грешки

Пред да го испратите, добро прочитајте го мејлот, дали е разбирлива неговата содржина, дали ја испраќате пораката на соодветен начин. Исто така, внимавајте и на правописните и граматички грешки за да не оставите впечаток дека сте го напишале мејлот на брзина и без многу да обрнете внимание.

Фото: Pixabay