Како да останете со “ладна глава” кога сте под притисок?

41

stres-3-pixabay

Фото: Pixabay

Треба да направите важна презентација пред шефовите и пред голема публика. На вториот слајд лаптопот ви се кочи. Како реагирате?

Се вцрвенувате, стоите неспособни да кажете било што, сите очи се вперени во вас и чувствувате дека го губите тлото под нозете. Сето тоа се должи на напливот на паника и на начинот на кој таа влијае врз свеста, сметаат експертите.

Помислата дека работите не одат по планот го блокира протокот на мисли и пречи дури и при најелементарните и добро научени реакции и дејства.

Сепак, има луѓе кои со леснотија ги надминуваат ваквите ситуации. Колку и да ви изгледаат ладнокрвни тие луѓе, сепак таа нивна способност не е вродена, туку научена.

Зошто некои луѓе подобро се справуваат од други кога се под притисок и како во неколку чекори да се надмине ситуацијата “зошто токму мене ми се случува ова?”, пишува Inc.com:

Вежбајте го основното

Ако ви претстои презентација или состанок со важен клиент, повторете ги неколку пати главните точки на она што треба да го кажете. Бидете сигурни дека ќе знаете да ги кажете и “без читање”. Така ќе го избегнете моментот “Што доаѓаше следно?”. Потоа, размислете кои би биле најверојатните прашања што би можеле да ви ги постават. На пример, клиентот може да побара да му објасните за некоја од услугите што ги нудите. За повеќето луѓе најдобрите презентации се билатерални, вашето излагање не треба да личи на излитен текст, туку на неформален разговор.

Повторувајте

Подготовката разбијте ја на чекори – прв, втор, трет и т.н. важен момент. Потоа повторувајте ги чекорите. За да ги совладате подобро, вежбајте ги и по обратен редослед и мешано. Така ќе бидете совршено подготвени и кога клиентот ќе ве прекине со прашање, ќе можете да му кажете “ќе стигнеме и до тоа подоцна”.

Подгответе се за “што ако…?”

Што ќе се случи ако софтверот ви изблокира? Или ако ви доцни клиентот, па наместо 30 минути имате 10 за да го освоите? Што ако ви постави прашања надвор од вашата надлежност? Вие треба да бидете подготвени да одговорите на секој од овие предизвици или да имате план Б. Разгледајте ги сите ситуации што можат да ви се случат, па дури и оние за кои мислите дека се невозможни. Така ќе можете да размислувате флексибилно и да успеете веднаш да изреагирате и да најдете решение.

Визуелизирајте

Овој метод е многу популарен меѓу спортистите. И вие можете да ги искористите предностите на оваа утврдена пракса. Пуштете си ја презентацијата во вашата глава, заедно со планот Б, како што ви се планирани. Во случај да треба нешто да менувате во пракса, доброто планирање ќе ви даде самодоверба да останете смирени.

Подгответе си готови одговори

Брзите одговори се прашање на вежбање. Тоа е и причината зошто полицајците и адвокатите да се толку безмилосни при распит. Тие едноставно имаат готови одговори во главата, кои се толку добро научени и рутински, како миењето на заби. Креирајте своевидна картотека во својата глава. Така, “при рака” ќе ги имате одговорите за различни ситуации.

Учете од моментите кога сте се извлекле на среќа

Често се случува за влакно да избегнеме гаф, кој би можел да расипе се за што сме се подготвувале. Ако сте имале такви моменти во кариерата, учете од нив. Во случај за влакно да избегнете неуспехот, размислете што требало да направите за да не дојде воопшто до тој ризик, обезбедете се за следниот пат.

Применувајте ги овие совети секаде

Штом еднаш ќе ја совладате техниката како да останете со “ладна глава”, применувајте ја во ситуации од најразличен карактер. Ако можете да дејствувате под стрес, тоа ќе ви биде од корист како во професионалниот, така и во приватниот живот. Не е важно дали се работи за привлекување на инвеститори, за обучување на вработените или за градење на односи – новата вештина ќе ви помогне во секој сегмент од животот.