Како да оставите добар прв впречаток

vpecatok

Фото: Pixabay

Првиот впечаток е многу важен, особено во бизнисот. А дали знаете дека треба само три до пет секунди за човек да оформи првично мислење за некого? Можеби посакувате околината да изгради мислење за вас врз основа на искуството и интелигенцијата, но истражувањата покажуваат нешто друго. Социјалниот психолог од Harvard Business School, Ејми Кади го проучуваше “првиот впечаток” и утврди дека кога прв пат се сретнуваме со некого, формираме не еден, туку два впечатоци.

“Проценуваме колку е срдечен, пријатен, и колку може да му се верува на човекот што прв пат го сретнуваме. Веднаш се прашуваме какви му се намерите и колку е способен и компетентен”, вели Кади, пишува Форбс. Нејзиното истражување покажало дека овие два елементи, колку некому може да му се верува, односно доверба и одговорност сочинуваат 80% до 90% од првиот впечаток.

Еве на што треба да обрнете внимание и да поработите ако сакате да оставите добар прв впечаток:

Обрнете внимание на гардеробата

Што кажува облека за вас? Не станува збор за тоа дали се облекувате добро или лошо (иако, искрено, и тоа значително влијае на проценката на луѓето), туку за тоа колку изборот на облека и накит одговара на впечатокот што сакате да го оставите. Ако сакате да се претставите како авторитет, носете костуми, вратоврски, високи потпетици (ако сте жена). Ако сакате луѓето да ве гледаат како креативна личност, тогаш стилот на облекување треба да ја одразува вашата личност.

Усовршете ја вербалната комуникација

Дали зборувате јасно и чисто кога прв пат се сретнувате со некого? Вежбајте со некој свој пријател и најдете начин да ја подобрите вербалната комуникација за да оставите подобар прв впечаток. Не зборувајте ниту премногу, ниту премалку. Бидете природни.

Усовршете ја невербалната комуникација

На бизнис средбите, невербалната комуникација има огромно значење во оставањето прв впечаток. Гледајте го соговорникот во очи и гестовите сведете ги на минимум, по можност на нула. Внимавајте на начинот на ракување – стисокот треба да е цврст, што укажува на доверба и спокојство, а не млитав и ладен.

Внимавајте на односот

Дали сте насмеани кога прв пат се сренувате со некого, дури и кога имате милион работи во главата? Фокусирајте се на новата личност што ја запознавате, обрнете и целосно внимание, така веднаш ќе ја придобиете.

И шминката и фризурата се важни

Исто како облеката и додатоците, останатите елементи од надворешниот изглед имаат големо влијание врз првиот впечаток. Се треба да е во хармонија, од облека, до фризура и шминка, која никако не смее да е пренагласена. Треба да оставите впечаток дека знаете да се грижите за себе.