Како да развиете лидерски вештини кај вработените

205

vestini

Фото: Pixabay

Професионалниот развој не е одговорност само на вработениот, туку и на работодавачот. Добриот менаџер постојано се стреми да ги подготвува вработените за лидерска улога. Со ова менаџерот ја зголемува ангажираноста и продуктивноста на вработените, а исто така го олеснува и работењето.

Овие пет начини се витални за развој на лидерските вештини кај вработените што подеднакво ќе им бидат од корист и на работодавците и на вработените, пишува Fusion Werindia.

Вмрежување

Вмрежувањето е од суштинско значење за раст и развој на бизнисот. Со вмрежување вработените учат да воспостават цврсти врски, да иницираат разговори и да стекнат поголема самодоверба. Вмрежувањето ја зголемува и можноста за споделување на знаења и идеи.

Доверба

Покажете дека им верувате на своите вработени. Предавајќи им специфична работа покажувате дека имате доверба во нив. Така вработените ќе се трудат да го одберат најдобриот начин за да ја завршат работата и ќе добијат големо искуство.

Самостојност

Ако вработените побараат помош од вас, немојте веднаш да им помогнете, туку треба да ги оставите сами да го најдат решението. Кога вработените се подготвени сами да ги завршат работите без помош од менаџерот, тогаш може да се наречат лидери.

Обуки

Инвестирајте во вашите вработени. Понудете им формално образование или обуки во областите кои ги гледате како критични кај нив. Покажете им како се води група или како се прави успешна презентација.

Менторство

На секој вработен му треба добар ментор. Ако сакате да им помогнете да станат лидери тогаш треба да стоите зад нив и да им давате поддршка. Покажете им како може да ги подобрат нивните лидерски вештини (професионалност, транспарентност, доверба, посветеност, почитување).