Како да се борите со големите (5)?!

4

kolicki-1

Фото: Pixabay

(Овој текст е дел од текстот што беше објавен во магазинот In-Store, од циклусот текстови што се наменети за малите / маалски продавници. Целта на овие текстови е да им се помогне на маалските продавници – како да се справат со големите гиганти. Голем дел од предложените активности слободно може да се употребат и за кој било друг бизнис. Овој текст се однесува на значењето и на важноста на поставување на производите „мерчендајзинг“).

Ако сакате да направите најоптимално портфолио на производи кое најдобро ќе ги задоволи потребите на вашите купувачи, а воедно ќе обезбеди и најголема профитабилност за вашиот бизнис, мора добро да го познавате вашиот купувач, неговите потреби и желби. За тоа мора да правите редовни анализи и анкети со вашите купувачи.

Вашата работа не е да ги имате сите производи што секој еден купувач ви ги побарал (и поради 200 гр салама што некој ја сака и купува еднаш месечно, вие да фрлате 3кг цело црево), ниту да имате сѐ што имаат другите или сѐ од сите добавувачи, ниту пак да мислите дека ако дуќанот изгледа преполн, клиентите ќе бидат позадоволни. Правилната оптимизација на производите во продавница, како и нивната поставеност е од огромно значење за успешно водење на вашиот бизнис.

За тоа како да ги позиционирате производите на полиците, ќе прочитате во овој текст.

Поставување на производи „Мерчендајзинг“

Правилното обележување на продавницата и производите, како и правилното поставување на производите е од особена важност за вашиот бизнис. Со правилниот „мерчендајзинг“ вие влијаете на:

  • Привлекување на нови купувачи

Преку добро надворешно обележување на продавницата и истакнување на промотивните производи, ја зголемувате можноста за привлекување повеќе нови купувачи.

  • Зголемување на продажбата на најважните производи

Колку подобро се изложени на полица производите кои се најобртни и најпрофитабилни, толку е поголема шансата вашиот промет и профит да се зголемат. Ваша задача е тие производи секогаш да им се во видокруг и на дофат на купувачите.

  • Импулсивно купување

Добрата изложеност на импулсивните производи заедно со ефектниот промотивен материјал на продажните места, се од суштинско значење за импулсивно купување од страна на купувачите. Една од најважните работи што вие треба да ја направите е да ги примамите купувачите покрај она што го имале во план да го купат, да купат и уште нешто плус.

  • Имиџот на продавницата

Со правилно групирање на производите и нивно позиционирање, ќе обезбедите попријатни услови за купувачот и на тој начин ќе влијаете потсвесно на перцепцијата на купувачот за вашата продавница.

Целта на вашиот бизнис и на секоја продавница е да привлече поголем број на клиенти и да понуди најоптимален број на производи во зависност од локацијата на продавницата и просторот со кој располагате. За вашите клиенти важно е продавницата да биде видлива, а просторот уредно пополнет со производи и други промотивни елементи. Ако производите се расфрлани, едни над други, цените не се јасно евидентирани, категориите на производите се измешани (не се ставаат хемиски препарати блиску до храна), промотивните производи не се обележани адекватно или вашите најпрофитни производи се недоволно истакнати, тогаш вие губите од вашиот профит.

Купувачите сакаат да се чувствуваат пријатно кога пазарат во некоја продавница. Ако не можете да ги понудите условите и удобноста на супермаркетите, тоа не значи дека не треба да се потрудите да им понудите специјално купувачко доживување на вашите купувачи. Старите и искинати постери кои ги кријат дупките или дел од прозорите, рачно напишаните промотивни пораки, лошото осветлување, хаотичното поставување на производите, пренатрупаноста со производи и слично, директно влијае на искуството што ќе го добие купувачот за вас и вашиот бизнис.

Дополнително, ако вашата продавница изгледа неуредно, тогаш голема е веројатноста купувачите да очекуваат и пониски цени. Ако не го добијат тоа, многу полесно ќе може да си најдат друга алтернатива. А, бидејќи најголемиот проблем на малите продавници се неконкурентните цени во однос на големите маркети, ваша задача е да најдете начини зошто купувачите да дојдат кај вас иако имате повисоки цени.

Ова се некои од најважните аспекти на добра оптимизација на производите и нивно поставување и редење на рафтовите во продавниците. Доколку ги сфативте овие насоки сериозно, и уште поважно, ако ги имплементирате правилно, можноста да заработите повеќе е поголема.

Со успех во имплементацијата.