Како да се справите со влагата и мувлата во домот

1749

vlaga

Фото: Pixabay

Зимата е период во годината кога во многу домови се појавуваат влага и мувла, кои се непријатели не само на изгледот на ѕидовите, прозорците, туку и на здравјето на луѓето.

Најчести причини поради кои се појавува влага во домот се лошо изведените или стари покриви, пукнатини на ѕидовите, недоволно сушење по изградба на куќата, продор на вода… Но, влагата може да ја предизвика и неправилното греење и вентилирање на просториите. Ова особено важи за куќите опремени со нова столарија, којашто одлично дихтува. Како “виновници“ за појавата на влагата во домот може да биде и готвењето, капењето и сушењето алишта во затворен простор.

Некои истражувања покажуваат дека едно просечно семејство, извршувајќи ги своите активности во домот, дневно создаваат околу 10 литри вода.

Влагата кондензира на постудените делови од просторијата, на пример, во аглите од собата. Овие делови од собите, како и рамките околу прозорците може да бидат идеално место за создавање мувла. Прв знак дека во домот има влага е појавата на кондензација на стаклата на прозорците. Влагата може да предизвика алергии, астма, како и оштетување на ѕидовите и ширење непријатна миризба.

Како да спречите влагата и мувлата да ги “нападнат“ ѕидовите

Правилно проветрување  – отворете ги ширум прозорците барем два пати дневно, најчесто наутро и навечер, на околу пет минути. Особено е важно проветрувањето доколку подготвувате храна во просторијата. Вградениот кујнски аспиратор може да биде од голема помош при апсорбирање на пареат додека го подготвувате омилениот ручек.

Ослободете се од растенијата во собата – растенијата во саксија важат за прочистувачи на воздухот, ги намалуваат електромагнетните зрачења, го намалуваат стресот и ја разубавуваат просторијата. Но, тие ја зголемуваат влажноста во собата поради тоа што водата од земјата испарува. Доколку мора да останат во таа просторија, кога ќе ги полевате со вода, ставете крпа на саксијата за да се спречи испарувањето.

Сушете ги алиштата на отворено – сушењето алишта во зима е една од најтешките домашни задачи. Една од причините се ниските температури, загадениот воздух и непријатните мириси што може да се почувствуваат на чистата облека. Сепак, сушењето практикувајте го на отворено, бидејќи како ќе испарува водата од перените алишта, така ќе се создава и поголема количина на влага во просторијата.

Силната моќ на солта – солта важи за силен апсорбирач на влага, па е одлична и во домашни услови. Не е важно дали е ситна или крупна, поставете ја во некој декоративен сад што ќе зафати поголема рамна површина. На тој начин ќе добиете интересна декорација и апсорбирач на влагата.