Како да зборувате со банкарот кога барате кредит?

124

Барањето и добивањето кредит не е нешто што се случува многу пати во животот. Некои земаат само еден кредит во животот, а ретки се оние кои земале повеќе кредити. Пред добивање на кредит, мора да отидете во банка и да разговарате со одговорно лице за кредитирање. Тие ќе проверат дали ги исполнувате сите услови за добивање кредит, а кога ќе заврши разговорот, може да поставите било какво прашање што ве интересира.

Банкарите, како што пишува порталот Каматица, често знаат во разговорот да користат изрази во комуникацијата со колегите, па понекогаш “забораваат“ и истиот речник го применуваат и кога зборуваат со клиентите, кои можеби немаат многу познавања од банкарскиот свет. Доколку нешто не разберете, треба да ги прашате да ви објаснат за сето она што не сте го разбрале. Недоразбирањата во текот на преговорите може да доведат и до судски процеси.

Објаснете му ја на банкарот вашата финансиска состојба, а оној вистинскиот ќе се потруди да го прилагоди кредитот на вашите потреби.

Информирајте се за сите дополнителни трошоци пред да го потпишете договорот за кредит.

Клучно е во преговорите за кредитот да се поставите како рамноправен партнер, а не како некој кој ќе се “согласи на сè“ само да ги добие парите. Добрите клиенти кои редовно ги подмируваат своите финансиски обврски се многу важни за секоја банка.

Најлошо е да дојдете во банка со идеја дека ви се потребни пари, бидејќи немате доволно, затоа што со таквиот став само покажувате дека не умеете да управувате со парите и нема да знаете како да го сервисирате кредитот. Затоа, важно е да бидете сигурни за што ви се потребни парите и тоа јасно да им го ставите до знаење на банкарите.

Односот што го имате со банката и банкарот во голема мера влијае за добивање на најдобрите можни услови за кредитот. На многумина не им е познат процесот на добивање кредит, па се плашат да разговараат со банкарите. Често пати најважно им е само да добијат кредит, а не и да ги разберат условите под кои се задолжуваат.

Фото: Pexels