
Комерцијална банка АД Скопје објавува дека на 12.01.2026 година ќе се одржи јавно наддавање-продажба на 558 стекнати сопствени акции, односно ќе започне запишувањето и уплатата за акциите, со продажна појдовна цена по акција која изнесува 24.516,00 денари, односно со вкупна продажна вредност од 13.679.928,00 денари.
„Ја информираме заинтересираната јавност дека пресметката на појдовната цена по која се нудат акциите за продажба е утврдена согласно Правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје (точка 6.4 од Анекс 3 на Правилата за регулирање на начин на запишување на јавно понудени хартии од вредност преку берза), а тоа е просечната пазарна цена на акцијата на Комерцијална банка АД Скопје во последните 12 месеци пред донесување на Одлуката за продажба. Оваа Одлука, пак, е донесена од страна на Собранието на акционери на Комерцијална банка АД Скопје на 3 април 2025 година.
Појдовната цена е статистички утврдена заради исполнување на законски и регулаторни обврски на Банката врз основа на постоечката законска и подзаконска регулатива со цел добивање на одобрение за продажба на сопствени акции по пат на јавна понуда и во никој случај не ја одразува реалната пазарна вредност на акцијата на Комерцијална банка АД Скопје.
Јавната продажба ќе биде спроведена по моделот на минимална цена со примена на принципот на приоритет на повисока цена, помала количина и порано време на внес на налогот во БЕСТ системот.
Датумот на завршување на јавното наддавање-продажба е 10.02.2026 година. Јавната продажба ќе се смета за успешна ако во предвидениот рок се продадат најмалку 60 % од понудените сопствени акции. Доколку Банката постигне 100 % успешност на продажбата, ќе ја прекине постапката и преку соопштение до јавноста и до Комисијата за хартии од вредност ќе извести за успешно реализираната јавна продажба“, информира Комерцијална банка АД Скопје.
Се повикуваат сите заинтересирани физички и правни лица да земат учество, да се пријават и да уплатат средства за купување акции на закажаната јавна аукција за продажба на 558 сопствени акции на Комерцијална банка АД Скопје на начин и постапка предвидени во Поканата и во Проспектот за продажба–отуѓување на сопствени акции по пат на јавна понуда, кои се објавени на следниот линк.













