Како до идеална температура во вашиот дом?

199

Македонските домови се наоѓаат на европското дно според применетите мерки за енергетска ефикасност. Помалку од 20% од домаќинствата имаат вградена изолација, додека во една третина од нив истата е изведена уште во времето на поранешна Југославија. За жал, дури и во случаите кога се инвестирало во топлинска изолација, таа опфатила само одреден дел од градбата. Во Македонија енергетската ефикасност најчесто се сведува на изолација на надворешните ѕидови, додека покривите, таваните и подовите се двојно или тројно помалку застапени.

Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека е исклучително мал бројот на домаќинства кои ја спровеле енергетската ефикасност во сите делови од домот. Тоа значи дека инвестирањето во заштедата на енергија е постепено и несеопфатно, со што граѓаните не секогаш го постигнуваат посакуваното намалување на сметките за топлинска или електрична енергија. Статистичките податоци велат дека 67% од домовите имаат вградено дрвени прозорци, додека учеството на алуминиумските и ПВЦ прозорци изнесува околу 30%. Следејќи ги ваквите поразителни бројки, може да се заклучи дека Македонија е една од оние европски земји кои сè уште не ја развиле во доволна мерка свеста за заштедата на енергија во домовите.

Во нашата земја и понатаму е нецелосно прифатено размислувањето дека реконструкцијата на домот подразбира инвестиција за заштеда на средства кои се враќаат во годините по зафатот. Токму тука, инвестирањето во изолација, климатизација и обновливи извори на енергија можат трајно да го усреќат нашиот домашен буџет. Да не заборавиме, енергетската ефикасност во суштина означува рационално користење на енергијата со зголемување на комфорот на живеење. А за да ја постигнеме идеалната клима во домот, неопходно е да размислуваме за системско решение за енергетската ефикасност.

markon-idealna-klima-01

Целосното заокружување на воведувањето енергетска ефикасност е единствениот гарант за топла зима и пријатно лето во секој дом. Оттука, овде ќе прикажеме десетина начини за заштеда на енергија што треба да се комбинираат меѓусебно за да се постигне максимален ефект. Ако треба да се избере најзначаен зафат, тогаш дефинитивно на прво место е мерката за подобрување на термоизолацијата на фасадата, кровот или подот во објектот. За што и да се одлучите, најекономична е изолацијата со употреба на стиропор. На македонскиот пазар денес може да се набави и графитен стиропор, кој има нешто повисока цена од обичниот, но и подобри карактеристики за заштеда на енергија.

При изведбата на термичката изолација, исклучително е важно стиропорот да се комбинира со квалитетен лепак. Ова е особено важно за фасадите, бидејќи непроверениот материјал може да предизвика оштетување, па и одвојување на новата фасада од самата подлога. При интервенција кај индивидуални куќи, главоболка може да предизвика пронаоѓањето на соодветно скеле за изведба на термичката фасада. За пониските објекти, на пазарот веќе се нудат нефиксирачки скелиња со тркалца кои се идеални за куќи со приземје и еден до два ката.

По правило, заедно со изведбата на термичка фасада, треба да се заменат старите прозорци и надворешните врати во домот. Поставувањето на нови прозорци може да заштеди и до 25% од вкупната потрошувачка на енергија. Притоа, треба да се биде претпазлив не само во изборот на бројот на комори кај ПВЦ прозорците, туку и на „Uw“ на прозорецот што ја означува пропустливоста на светлина низ стаклото. Почнувајќи од годинава, Министерството за економија го субвенционира вградувањето на нови ПВЦ и алуминиумски прозорци во домовите, со што и државата за прв пат се одлучи на овој начин да ја промовира енергетската ефикасност.

markon-idealna-klima-02a

Во исто време, скопските општини Карпош, Центар и Аеродром и во 2017 година ќе инвестираат во десетици нови енергетски ефикасни фасади на нивните територии. Доколку сте жител на некоја од овие згради, вклучете се со сопствени средства во поставувањето на нови прозорци во текот на реализацијата на градежниот зафат. Здружениот потфат во вакви случаи со сигурност ја зголемува заштедата на енергија за над 40%.

Не треба да заборавиме дека промената на надворешните врати од домот може дополнително да ги намали сметките за енергија. Водејќи се од грижата за безбедност, при вградувањето на надворешните врати ретко размислуваме за штедливоста на енергија. Несметаниот проток на енергија кај дотраените врати е особено голем во зимските месеци, кога стоплените простории преку незаштитените отвори од вратите ја пренесуваат топлината кон надвор. Ако се земе во предвид фактот дека Македонецот во просек загрева помалку од половина од неговиот просечен дом од 82 метри квадратни, тогаш и не треба премногу објаснување дека надворешните и внатрешните врати во просториите одигруваат клучна улога за заштеда на енергија во зима.

markon-idealna-klima-03

Наспроти едноставната промена на прозорци и врати во домовите, експертите за енергетска ефикасност посочуваат дека многу посложено е инвестирањето во климатизација на просториите. Најголем дел од мерките за енергетска ефикасност се однесуваат токму на апаратите за ладење, за греење и за осветлување во домот. При вложувањето во нов модел на ладење или греење на домот е задолжително да се направи претходна пресметка за користење на најсоодветен извор на енергија. Неодамнешната студија на Машинскиот факултет во Скопје потврди дека инвестирањето во топлински пумпи и во инвертери се одлична инвестиција за граѓаните на Скопје, а истите се препорачуваат првенствено за оние населби каде што се лоцирани индивидуалните куќи и каде што нема можност за вклучување на објектот на централното греење.

Високо ефикасните топлински пумпи влегуваат како иновативно решение на македонскиот пазар. Тие овозможуваат сигурна заштеда на енергија за греење и ладење, но и можност сами да ја контролираме идеалната температура во текот на годината. Топлинските пумпи вклучуваат уреди кои спаѓаат во енергетските класи А+ и А++, со што се овозможува максимално намалување на потрошувачката на енергија во домовите. Инсталацијата на топловодни системи бара стручни тимови, чија работни активности во последно време земаат поголем замав во земјава. Заедно со брзиот раст на ваквите фирми, се зголемува и искуството во изведбата на самостојни системи за греење и ладење во секој поединечен дом.

Уште еден ефикасен начин за заштеда на енергија во домаќинството е инсталацијата на електричните котли. Со широкиот дијапазон на моќност на овие тела, котлите се поволни за употреба во домовите со различна квадратура. Нивното вградување во домот е едноставно, поаѓајќи од фактот дека веќе постојат специјализирани компании за оваа намена. Како поедноставни уреди за затоплување на домот, во изминатиов период доминираат панелните радијатори и инвертер клима уредите. Тие се вистинска алтернатива за огревното дрво, ако се земе во предвид дека струјата не ја загадува средината и не бара ангажман во споредба со купувањето и сечењето на дрвата.

Уредите кои ја користат електричната енергија се исклучително ефикасни за објекти со поголема квадратура, каде што ваквиот вид на климатизација е најлесниот начин за да се постигне идеална температура во просториите. Наспроти нив, проверен партнер за постигнување на мерките за енергетска ефикасност во домовите се печките за греење на пелети. Инсталирањето на овие грејни тела во домовите во 2017 година ќе се субвенционира од локалните власти во Скопје и во Битола, со што печките на пелети стануваат подостапни за оние граѓани кои немаат приклучок до централното парно греење.

Како што веќе споменавме на почетокот од овој текст, постигнувањето на идеална температура во просториите од вашиот дом бара системски решенија. Тоа значи дека е неопходно спроведување на што е можно повеќе мерки за енергетска ефикасност. Дел од нив не бараат големи вложувања, додека некои навистина изискуваат позначајни финансии. За да не ги заборавиме преостанатите важни начини за намалување на потрошувачката на енергија, на крајот ги набројуваме нив:

  • вградување на соларен систем за загревање на водата во домаќинството;
  • инсталација на енергетски ефикасно осветлување (ЛЕД светилки и штедливи светилки);
  • набавка на нови апарати за домаќинството;
  • менување на навиките за користење на енергијата (гасење на светлото во просториите, одржување на оптимална температура во домот, затворање на прозорците при греење итн.).