Како до поголем успех? Прво што треба да направиме е да се инспирираме од најдобрите!

24

Print

Од 18 до 20 ноември Скопје ќе биде домаќин на Македонскиот Економски Самит во организација на Македонија2025. Самитот ќе претставува собир на експерти кои ќе дадат свое мислење на теми како достигнување технолошки развој и иновации, нивна комерцијализција и како Македонија може да стане технолошки понапредна.

За говорници на панелите поканети се светски реномирани научници и експерти. Виктор Груев е професор и истражувач на универзитетот Вашингтон, кој развива сензорски технологии со примена во здравствениот сектор; Филип Нордфелт е основач на компанија што се занимава со процесирање на цели терабајти од информации што има огромна примена во таканаречениот Big Data сектор; Филип Мисовски е заменик Претседател и главен експерт за продукти на германската компанија САП, кој ќе зборува како Македонија може да се претвори во иновациски и инфо-комуникациски центар.

На самитот ќе има и тематски дискусии со светски успешни претприемачи каде модератор ќе биде Крис Павловски, основач на Rumble, а меѓу оние кои ќе одговаат на прашањата како успеале да ја воздигнат вредноста на нивната компанија до седумцифрена сума се: Скот ДеЛонг, интернет претприемач и основач на портал што годинава се продаде за 100 милиони долари; Џон И. Битов, претприемач, филантроп и човекот кој го донесе НБА тимот Репторс во Торонто, како и преставник од Google кој дополнително ќе биде објавен.

Организаторот верува дека овие теми ќе поттикнат голем број на млади претприемачи, иноватори и претставници од технолошки-напредни компании да се пријават за учество. „Ова е експертски настан на кој акцентот е ставен на трансфер на знаењето, инспирирање на младите и приказ на она што го прави светот од технолошки аспект со цел Македонија да може поскоро да се приклучи кон тие светски текови“, изјави Зоран Мартиновски, претседавач со Самитот. Соосновачот на Македонија2025, Мајк Зафировски, кој исто така ќе биде почесен говорник на Самитот изјави: “Самитот е фокусиран на промена на начинот на кој размислуваме за бизнисот и лидерството и ги вклучува можностите за поширока соработка меѓу регионалните компании и поединци за да го обележиме Балканскиот регион на мапата на иновации и напредок.”

За повеќе информации околу учеството и котизацијата, посетете ја интернет страната на Македонија2025: www.macedonia2025.com.