Како е можно Тесла денес да вреди повеќе од другите 9 најголеми производители на автомобили во светот заедно

32

Дали ја следиме трагикомичната приказна за еден од најголемите берзански меури во светската историја, кој порано или подоцна ќе пукне, или пак пример за најголемиот успех на една компанија во историјата на берзата? Во понеделникот акцијата на Тесла се зголеми за 12,6 отсто, со што нејзината пазарна капитализација помина над 1 трилион долари. Скокот на вредноста дојде откако компанијата за изнајмување автомобили Херц нарача 100.000 автомобили од Модел 3.

Тесла, контролирана од претприемачот и најбогатиот човек на светот, Илон Маск, испорача 241.300 возила во третиот квартал, што значи дека нарачката од Херц е значајна, но не толку голема за да може да се каже дека драматично ќе го промени вкупниот обем на испораки на годишно ниво.

Инаку, Херц неодамна помина низ стечајна постапка и се обидува да си го врати бизнисот. Маск е и малку изненаден од растот на вредноста поради нарачката на Херц, објаснувајќи дека Тесла нема проблем со побарувачката туку со брзината на испорака, но сигурно нема да му пречи што благодарение на тоа стана најбогатиот човек на светот. Вредноста на уделот на Маск сега се проценува на 172 милијарди долари.

Тесла минатата година ја престигна Toyota според пазарната капитализација, по што компанијата се зголеми за пет пати во вредноста. Ваквото зголемување на пазарната капитализација нема основа во деловните резултати.

Како е можно Тесла да вреди 3,5 пати повеќе од Тојота ако лани Тојота продаде 10 милиони автомобили, а Тесла 500.000 или околу 20 пати помалку? На крајот на краиштата, како е можно денес Тесла да вреди повеќе од другите девет најголеми производители на автомобили во светот заедно?

Треба да се земе предвид дека сè повеќе големи автомобилски индустрии во своето портфолио веќе имаат многу атрактивни е-возила кои можат да се натпреваруваат со моделите на Тесла по цена и квалитет.

Извесна логика во вредноста на Тесла може да се бара во очекуваниот раст во Кина и порастот на профитабилноста, која порасна за 380 отсто во текот на годината. Сепак, треба да се земе предвид дека Тесла бележеше загуби пред тоа.

Компанијата на Илон Маск значително ја зголеми испораката на возила и тоа за 72 отсто. Тие успеаја да го одржат производството додека другите производители се соочија со прекини поради недостаток на чипови.

Од Тесла најавуваат дека од 2030 година ќе произведуваат 20 милиони автомобили годишно, а веќе се зборува за софтвер кој ќе овозможи „целосно самостојно возење“, иако експертите предупредуваат дека таквите тврдења се погрешни.

Во основа, се чини дека вреднувањето на Тесла се заснова на претпоставката дека компанијата нема да има конкуренција. Зошто толку многу инвеститори мислат дека моделите на Тесла ќе се продаваат многу подобро од е-моделите на BMW, Mercedes, VW…?

Ако, на пример, моделите на Mercedes EQS, EQA, EQC и EQV се споредат во однос на перформансите и дизајнот, не е јасно зошто Daimler како компанија вреди 10 пати помалку од Тесла кога веќе има четири врвни е-возила и одлично портфолио на врвни автомобили со внатрешно согорување и, на крајот на краиштата, произведува пет пати повеќе (скапи) возила од Тесла. До 2030 година, Дајмлер планира да инвестира 40 милијарди евра во развој на е-возила.

Скептиците, како истражувачот Нил Кемплинг од Мирабаунд, предупредуваат дека е лудо Тесла да скокне за 80 милијарди долари откако Херц нарача флота од 100.000 возила. Излегува дека секое од овие возила треба да вреди по 800.000 долари, без трошоци за производство. Вистинската вредност е околу 25 пати помала.

Аналитичарите од Бернстабл, пак, велат дека моменталната вредност на Тесла подразбира раст на продажбата и профитабилноста што никогаш не се случило во историјата на индустријата и затоа предвидуваат пад на цената на акцијата за 70 проценти следната година.

Со новото поскапување, Тесла стана шеста по големина компанија во светот, зад Apple, Microsoft, Alphabet, Amazon и Facebook. Сите овие компании имаат неспоредливо повисоки приходи во споредба со Тесла.