
Џоел Мокир, Филип Агион и Питер Ховит ја освоија Нобеловата награда за економија за „објаснување на економскиот раст управуван од иновации“, објави во понеделник Кралската шведска академија на науките.
Престижната награда, формално позната како Награда на Шведската национална банка за економски науки во спомен на Алфред Нобел, е последната што се доделува секоја година и вреди 11 милиони шведски круни (околу еден милион евра).
„Лауреатите нè научија дека одржливиот раст не може да се зема здраво за готово“, соопшти телото што ја доделува наградата.
„Економската стагнација, а не растот, е норма во поголемиот дел од човечката историја. Нивната работа покажува дека мора да бидеме свесни за заканите за континуираниот раст и да им се спротивставиме.“
Мокир е професор на Универзитетот Нортвестерн во Соединетите Американски Држави, додека Агион е професор на Колеџ де Франс, INSEAD во Париз и Лондонската школа за економија и политички науки во Велика Британија.
Хoвит е професор на Универзитетот Браун во Соединетите Американски Држави.
„Џоел Мокир користел историски набљудувања за да ги идентификува факторите неопходни за одржлив раст врз основа на технолошки иновации“, рече Џон Хаслер, член на Нобеловиот комитет.
„Филип Агион и Питер Ховит создадоа математички модел на креативно уништување, бесконечен процес во кој нови и подобри производи ги заменуваат старите.“
Имињата на добитниците на наградите за медицина, физика, хемија, мир и литература беа објавени минатата недела.
Минатогодишната награда за економија им припадна на американските академици Сајмон Џонсон, Џејмс Робинсон и Дарон Аџемоглу за проект што ја истражува врската помеѓу колонизацијата и воспоставувањето јавни институции за да објасни зошто некои земји се сиромашни со децении.
Фото: Printscreen