Како Италија одеднаш се исправи на нозе?

90

Пред неколку дена, италијанскиот премиер Марио Драги одржа говор во Bologna Business School – еден од неговите ретки јавни настапи неодамна. Тој беше поканет да зборува за неодамна починатиот демократ Бенџамино Андреата, со кого Драги се познаваше уште од универзитетските денови. Во својот говор, премиерот зборуваше и за чувството на должност кон државата и јавната одговорност.

Кога Драги го опиша стилот на работа на починатиот политичар, многумина од публиката брзо сфатија дека премиерот всушност зборува за себе: „Тој не се двоумеше да ги донесе потребните одлуки, дури и ако тие беа непопуларни. Работата е тука, за да се заврши“.

За Марио Драги, ова е доста вообичаено, а зад мантрата „колку и да чини тоа“ стои неговото искуство како шеф на Европската централна банка (ЕЦБ).

Спасителот во пандемијата

Да се извлече Италија од пандемијата и економската депресија беше задача на Марио Драги откако беше поканет од претседателот да ја преземе функцијата премиер во февруари. Во пандемијата, Драги прво повторно воведе делумно заклучување, а сега го воведува таканаречениот „Зелен пасош“ на работното место – доказ за вакцина или тест за коронавирус.

Италија се уште е единствената земја со таква мерка во Европа, но за Драги е апсолутно неопходна. Сепак, тој сака Италија да застане на нозе. И така, 7 месеци по преземањето на функцијата, кампањата за имунизација во Италија напредува побрзо отколку во Германија.

Покрај тоа, економијата на земјата расте најбрзо низ Европа, италијанското инженерство произведува речиси двојно повеќе од минатата година, и речиси секоја втора компанија во земјата ги зголемува своите инвестиции.

Стабилноста се врати

„Ново италијанско чудо? – Вакви наслови може да се видат во многу од главните весници. Тие се уште користат знак прашалник.

Но, расположението е повторно оптимистичко. Со својот мирен и конзистентен стил на управување, 74-годишниот премиер ја спаси Италија и ја извлече од кризата. Џовани Орсина, професор по политика на Универзитетот ЛУИС во Рим, не ги крие своите пофални зборови за Драги.

„Големи компетенции, извонредна способност да се справи со власта и добар меѓународен имиџ. Со тоа, тој се истакнува над сите други премиери во последните години“.

И мнозинството Италијанци ја делат оваа проценка. Гледаат дека некој конечно се фаќа за работа и ги исполнува своите ветувања. Тековните анкети за јавното мислење ја потврдуваат оваа висока оценка: италијанскиот премиер ужива доверба од повеќе од две третини од граѓаните.

Под водство на Марио Драги, Италија одеднаш покажа изненадувачка политичка стабилност. И покрај непопуларните мерки, политичките партии се смируваат, а со брзи и вешти акции шефот на владата успева да се справи дури и со традиционално незадоволната десничарска „Лига“.

Дали Драги ќе остане подолго?

Марио Драги се појави во февруари како последна надеж, кога партиите во земјата веќе ги исцрпија сите свои можности за формирање влада – среде пандемија, се сеќава проф. Орсина.

„Партиите ја префрлија одговорноста за наоѓање излез од вонредната состојба и политичката нестабилност во земјата. И веќе неколку месеци, овој аутсајдер има целосна слобода на дејствување“, рече експертот.

Проф. Орсина не ја исклучува можноста Драги да остане на власт подолго – „или како претседател на републиката, или со некоја друга функција“.

На меѓународен план, тој ужива висока репутација, и во претстојната промена на власта во Германија, а веројатно и во Франција, во Европа гледаат во лицето на Драги идна водечка фигура. На Италија и е потребен Драги – да ги одржува пазарите мирни и покрај високиот долг на земјата.

А дали самиот Драги сака да остане на власт подолго? Тој одговара на сите шпекулации за неговата политичка иднина во неговиот типичен стил – со молчење.