Од понеделникот по 10-неделен карантин во Италија, повторно може да се јаде во рестораните. Но, сега тоа доживување е сосем поинакво, а тоа го потврдува и посетата на ресторанот Peppo al Cosimato во популарниот римски кварт Trastevere.
Сите келнери носат маски и нема мени. Тие љубезно ги замолуваат гостите сами да го видат менито преку интернет. Сопствениците на рестораните ги запишуваат името, телефонскиот број и адресата на гостите и ги прашуваат во каква врска се со луѓето со кои седат на масата. Ако живеат под ист покрив, не се бара да ги следат мерките за физичко растојание. Но, неколку колеги мора да седнат на маса за четири лица и тоа дијагонално.
“Се чини како нарушување на приватноста, но ние само ги почитуваме пропишаните епидемиолошки мерки за кои веруваме дека се потребни за да го заштитиме нашето здравје“, рече еден од сопствениците на ресторанот, Џузепе Русо.
Податоците за гостите се чуваат 30 дена во случај на потреба да се пребаруваат контактите на заразени со коронавирус.
“Пред ова имавме од 50 до 60 гости на ручек во работните денови. Денес, имавме само шестмина“, вели Русо. Тој додаде дека вечерта може да изгледа подобро бидејќи има триесетина резервации.
Во Peppo можеле да се сместат 120 гости во предвирусните времиња, но сега, поради мерките за дистанцирање, капацитет е ограничен на 30 до 50. Бројот зависи од тоа дали гостите се членови на исто семејство за да им биде дозволено да седат еден до друг.
Русо почитува сè што државата му наложува да го направи, но тој одбива една работа – грди прегради од плексиглас меѓу гостите. “Тоа не доаѓа предвид, ручекот мора да биде задоволство“.
Фото: Pixabay