Како ќе изгледаат банкнотите од 200 и 2.000 денари

195

Советот на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) на седницата, одржана на трети овој месец, ја усвои одлуката за пуштање во оптек на книжни пари од 200 и 2.000 денари.

webbuilder_200_avers

Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно графичкото решение на банкнотата од 200 денари е репрезентативната христијанска теракотна икона, односно релјефот со претстави на старозаветните воини Јошуа (Исус Навин) и Калеб, којашто е датирана во 6-7 век и припаѓа на познатата група винички теракотни икони како едни од најзначајните археолошки откритија од територијата на Република Македонија.

dbf4dc0b19f7dd48b7bbe21e7d0947a1

Носечки мотив на задната страна на идејното и ликовно графичкото решение на банкнотата од 200 денари е архитектонско-ликовен елемент од челната фасада на Шарена (Алаџа) Џамија во Тетово, еден од најатрактивните споменици на архитектурата и сликарството од османлискиот период во Република Македонија, за којшто се смета дека бил изграден во XV век. Тој е надополнет со флорални елементи преземени од декорацијата на мермерните подни плочи на познатата Исак Џамија во Битола, изградена на самиот почеток на XVI век.

webbuilder_2000_avers

Носечки мотив на предната страна на идејното и ликовно-графичкото решение на банкнотата од 2.000 денари е претстава на македонска невестинска носија од Прилепско поле како впечатлива рефлексија на богатството на фолклорната ризница на Република Македонија. На истата страна во централното лево поле е претставен приврзок во форма на афионова чашка којшто е откриен во Сува Река, Гевгелија и претставува артефакт датиран во VII век пр.н.е што му припаѓа на познатата група пајонско – македонски бронзи.

webbuilder_2000_revers

Носечки мотив на задната страна на идејното и ликовно графичкото решение на банкнотата од 2.000 денари е декорацијата на внатрешната страна на позлатен сад, којшто потекнува од XVI век и во чиешто централно поле се прикажани два афронтирани пауна (рајски птици) покрај “изворот на животот” обиколени со раскошна флорална декорација.