Како ќе изгледаат првите полимерни банкноти

57

НБРМ има чест и задоволство да ѝ го претстави на јавноста првичниот сликовен приказ на првите полимерни банкноти на Република Македонија, коишто на 15 мај годинава влегуваат во оптек, а се во апоенска вредност од 10 и 50 денари.

Основната разлика помеѓу овие и книжните банкноти од истата апоенска вредност коишто се повлекуваат од оптек е токму материјалот којшто се користи како подлога за печатење ‒ хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен.

Поради постигнување компатибилност за печатарска изведба на супстратот за изработка, направено е соодветно приспособување на основниот дизајн на банкнотите.

Меѓу другото, наместо водениот печат којшто го содржат книжните, полимерните банкноти ќе содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Поконкретно, кај апоенот од 10 денари претставен е стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.

Заштитниот конец кај полимерните банкноти ќе се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст НБРМ, додека кај книжните банкноти, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст НБРМ.

Како заштитни знаци, овие полимерни банкноти, меѓу другото ќе содржат и микротекст видлив само со лупа, двоен пасер и скриена слика, а ќе имаат и УВ-својства.

На нив ќе има и ознака во вид на издигнати точки за распознавање на различните апоени од страна на лицата со оштетен вид.

Од денот на пуштање во оптек на полимерните банкноти со апоенска вредност од 10 и 50 денари – 15 мај, книжните банкноти со истата апоенска вредност престануваат да бидат законско средство за плаќање.