Како ќе се одвива процесот на вакцинација против коронавирус во Грција

39

Во финална фаза се подготовките во Грција за операцијата Слобода, односно почетокот на процесот на вакцинирање кој започнува во недела на 27 декември, ден откако во земјата ќе пристигне првата пратка од 9.750 дози.

Минатата седмица грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од работниот состанок за националниот план за вакцинација откри дека први ќе се вакцинираат една медицинска сестра и еден повозрасен граѓанин, но и дека лично тој ќе ја прими вакцината на првиот ден.

Вкупно 1.018 центри за вакцинација ќе бидат отворени во целата земја, а еден од ваквите центри потсети дописничката на МИА од Атина.

Во објектот што го посети МИА има три центри за вакцинација, чекална и соба за кратка хоспитализација во случај да се појави реакција кај лицето кое ќе се вакцинира.

Во Здравствениот центар Илион во западниот дел на областа Атика, поширокиот дел на Атина, медицинските лица се подготвени да ги примат граѓаните, обезбедени се и информативни флаери, а самиот процес на вакцинација, како што објаснуваат надлежните, нема да трае повеќе од 15 минути и ќе биде во присуство на доктор, медицинска сестра и здравствен посетител.

Министерството за дигитална политика на Грција веќе подготви специјална платформа за закажување термин за вакцинирање, која ќе биде отворена во јануари, а граѓаните откако ќе се регистрираат преку платформа и ќе ги пополнат потребните податоци ќе добија порака со специјален QR код и термин за вакцинација.

Закажувањето ќе може да се врши и преку аптеките.

Согласно планот на грчката Влада објавен вчера процесот на вакцинација ќе биде во три фази.

Во првата фаза од 27 декември 2020 година кога ќе има ограничен број дози и ќе се вакцинираат здравствените работници, персоналот и згрижените во домовите за стари лица и оние кои се хронично болни, како и државни функционери.

Во втората фаза во февруари 2021 година кога ќе биде достапен голем број вакцини, ќе се вакцинираат лицата над 70-годишна возраст, независно дали имаат здравствени проблеми, почнувајќи од оние што се над 85 години. Ќе следат и лица од 60 до 69 години, но и помладите со здравствени проблеми и под ризик од Ковид-19.

Последната фаза ги опфаќа сите граѓани над 18 години и е предвидена е за јуни следната година.

Генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус во понеделникот соопшти дека во сабота ќе пристигнат 9.750 дози, а првата голема пратка на Pfizer – 83.850 дози Грција ќе ја добие до 30 декември.

До крајот на јануари ќе бидат доставени 429.000 дози и 333.450 дози до крајот на февруари.

Фото: Pixabay