Како климатскиот договор од Глазгов ќе ги промени нашите животи?

58

Конференцијата за климата, одржана во Глазгов на почетокот на ноември, заврши со компромисен договор кој дава надеж за исполнување на климатските цели.

Сепак, што значат овие договори за нашите животи, анализира Би-Би-Си.

COP26 ќе го промени начинот на кој се движиме

Земјите, регионите и автомобилските компании се согласија да ја промовираат употребата на електрични автомобили и развојот на автобуси и камиони без јаглерод.

Електричните автомобили се една од промените што луѓето ги одобруваат, особено во позадина на прогнозите дека за пет години цената на електричниот автомобил ќе биде иста како и нов автомобил на бензин или дизел. Во последните години цената на батериите значително падна, што ја намалува цената на електричните автомобили.

Во последните месеци, растот на цените на суровините може да го смени трендот, но прогнозите се за раст на продажбата. Се очекува и обемен лизинг на електрични возила и проширување на пазарот на половни електрични возила.

Но, во Глазгов имаше повици за значително намалување на патниот сообраќај и промовирање на пешачење и возење велосипед. Ова е исто така значајна промена во нашиот начин на живот.

Преминување на зелена енергија

Повеќе од 40 земји ширум светот се согласија да се откажат од јагленот, а уште повеќе рекоа дека чистата енергија е најдобриот начин за снабдување на домовите со електрична енергија и греење. Ова значи повеќе соларни панели и ветерници, а за некои држави и нови нуклеарни реактори.

Но, COP26 не успеа да ги принуди Кина и Индија, едни од најголемите загадувачи, целосно да се откажат од употребата на јаглен.

Се надеваме дека преостанатите барања од конференцијата за климата ќе ги испратат вистинските сигнали до пазарите и дека вреди да се инвестира во обновливи извори.

Нашите домови стануваат зелени

Соларните панели и топлинските пумпи веројатно ќе станат стандард, а не интересен исклучок. Топлинските пумпи се електрични уреди кои буквално ја вшмукуваат топлината во воздухот, почвата или водата околу зградата. Од идната пролет, на пример, британската влада ќе дава субвенции за нивно поставување и реалната цена ќе биде сразмерна со поставувањето на гасен котел за греење.

Греењето на гас е одговорно за 21% од емисиите на јаглерод во Британија, потсетува Би-Би-Си.

Новите домови ќе бидат изградени со ниско-јаглеродни алтернативи на цементот и бетонот, вклучително и со рециклирање на овие материјали.

Сепак, домовите исто така треба да станат поотпорни на екстремни временски настани – со повеќе зелен простор околу нив за да ги апсорбира зголемените врнежи, со „зелени“ покриви за да се спречи прегревање и со ролетни за да се издржат урагани.

Ќе платиме за јаглеродниот отпечаток

Начинот на живот придонесува за емисиите на јаглерод – кога купуваме увезена храна или патуваме на одмор. Поради договорите за тргување со емисии, доколку компаниите не ги намалат своите емисии, овие трошоци ќе бидат вклучени во цената. Ова треба да ги натера луѓето да размислуваат за тоа како ги трошат и плаќаат стоките.

Некои големи трговци на мало, вклучувајќи ги Икеа и Амазон, веќе рекоа дека ќе испорачуваат стоки само преку возила со ниски емисии на јаглерод до 2040 година. Трговските бродови испуштаат 1 милијарда тони јаглерод диоксид – повеќе од емисиите на Германија. Критичарите велат дека бродската индустрија не прави доволно за да ги исполни климатските цели, па барањата од големите компании се добредојдени.

Повеќе природа

Враќањето на природата е клучно за борба против климатските промени, од шуми до тресети ( вид мочуришта што ги има речиси секоја држава – н.з.). Придобивките од зголемувањето на зелените површини околу градовите беа меѓу главните теми на кои се разговараше за време на климатската конференција во Глазгов и сите се убедени дека сега е време да се заштитат шумите и живеалиштата, да се обнови природата, додава Би-би-си.

Но, пошумувањето значи и помалку земјиште за земјоделството. Земјите како Бразил и Индонезија ќе го намалат производството на соја, говедско и палмино масло, кои ги консумираат и сиромашните и богатите земји. А тоа може да значи крај на евтината храна.

Затоа тука мора да се направи избор – стопирање на сечата на дрвјата значи дека храната ќе поскапи за луѓето.

Инвестиции и пензии

Повеќе од 400 финансиски институции, кои контролираат средства од околу 130 трилиони долари, се согласија да доделат повеќе средства за зелена технологија. Односно, повеќе пензиски и инвестициски фондови ќе ги инвестираат нашите средства во проекти и сектори за животна средина. Според аналитичарите, ова исто така може да доведе многу луѓе да ја преиспитаат својата потрошувачка на енергија и да се потпрат на мерки за зголемување на енергетската ефикасност.

Но, најважното нешто што претстои – промена на однесувањето

Ограничувањето на глобалното затоплување на 1,5 ° C зависи многу од постапките на општеството и значи промена на однесувањето. Во Обединетото Кралство, процесот е поддржан од млади активисти кои се залагаат за промени на сите нивоа, од јавен превоз до енергетика, а промените веројатно ќе бидат можни.

Она што може да го поттикне процесот се придобивките – чист воздух, мирни улици и подобро ментално и физичко здравје се еден добар поттик.