Како коронавирусот влијаеше врз нашата берза?

284

Вкупниот промет по сите основи во првиот квартал од оваа година изнесуваше околу 68 милиони евра, што преставува зголемување од 133% наспроти првиот квартал во 2019 година (29 милиони евра), односно зголемување од 97% во однос на четвртиот квартал 2019 година (34 милиони евра).

Прометот со акции во БЕСТ системот во овој квартал бележи вредност од околу 41,7 милиони евра и е за 231% поголем во однос на истата големина во првиот квартал 2019 година, односно 122% повеќе споредено со четвртиот квартал 2019 година. Анализата на десетгодишната временска серија на дневниот промет од тргување со акции во БЕСТ системот покажува дека во последните 10 години дури пет дена со најголем промет од тргување со акции во класичното тргување биле токму во март 2020 година (12.03.2020 – околу 2,2 милиони евра, 06.03.2020 – околу два милиони евра, 20.03 – близу два милиони евра, 18.03 и 13.03.2020 година – околу 1,9 милиони евра и 1,8 милиони евра респективно).

Македонскиот берзански индекс – МБИ10 во првиот квартал од 2020 година бележи пад од околу 22%. Доколку се анализира по месеци, после одличната перформанса на индексот во јануари (+5,8%), негативните перцепции за последиците од состојбите поврзани со COVID-19 и движењата на меѓународните пазари во текот на февруари го поништија претходниот раст на МБИ10 (-5%), а само во месец март индексот забележа пад од 22,47%, што преставува втор најголем месечен пад на вредноста на МБИ10 од неговото воведување во јануари 2005 година (поголем месечен пад е регистриран само во октомври 2008 година). Со оглед на ваквите ценовни движења, вкупната пазарна капитализација на котираните акционерски друштва на крајот на март 2020 година изнесуваше околу 2,5 милијарди евра и во однос на крајот на 2019 година бележи пад од околу 16%.

Најтргувани хартии од вредност во овој квартал беа акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 17,3 милиони евра, потоа следат акциите издадени од Алкалоид со вкупен промет од околу 9,2 милиони евра и акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу 5,4 милиони евра.

Интензивните ценовни осцилации при тргувањето со хартии од вредност и нагласените промени на вредноста на индексот МБИ10 во месец март, како последица на влијанието на настаните и информациите поврзани со вирусот COVID-19, придонесоа за промена на дневните ценовни ограничувања (од +-10% на +-5% во периодот од 17.03. до 26.03.2020 година). За времетраење на оваа мерка што ја донесе Берзата, односно во текот на седум трговски дена, МБИ10 забележа четири пати пад и три пати раст (во последните четири трговски дена кога ограничувањата изнесуваа +-5% МБИ10 забележа три зголемувања на својата вредност).

Исто така, во функција на обезбедување уредно тргување со хартиите од вредност во вакви услови, од 16-ти март, по добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност, на Берзата беше воведено и ново правило за автоматско времено прекинување на тргувањето со сите хартии од вредност во рамките на еден трговски ден (кога индексот МБИ10 ќе се промени за повеќе од 70% од важечките статички лимити) и истото беше тригерирано пет пати. И во овие новонастанати околности берзанското тргување се одвиваше редовно и уредно, а Берзата како лиценциран пазарен оператор континуирано им обезбедуваше соодветни услуги на своите членки, издавачите и инвеститорите, како и на сите други субјекти коишто се директно или индиректно заинтересирани за непречено функционирање на македонскиот пазар на хартии од вредност.

Фото: Facebook