Како лидерот гради доверба кај вработените

47

figures-1010678_960_720

Фото: Pixabay

Довербата е предизвик со којшто се соочува секој лидер. Способноста на лидерот да ги инспирира и мотивира вработените се заснова на доверба. Во тешките ситуации тие се потпираат на вас и очекуваат да го направите тоа што го кажувате. Усогласувањето на вашите зборови и акции е клучен столб за градење на доверба со вработените, а со тоа и создавање на успешна компанија. Ако вашите зборови и акции се спротивни, тогаш помала е веројатноста дека ќе имате посветен и ангажиран тим.

Градењето на доверба не се случува преку ноќ, но постојат неколку важни чекори коишто може да ги направите за да создадете доверлива клима во вашата компанија, а таа влијае на деловните резултати.

Покажете одговорност и транспарентност

Кога ги признавате вашите грешки, порази и успеси, вработените ќе ве гледаат како кредибилна личност и ќе го следат вашето водство. Бидете транспарентни и конзистентни во вашите постапки. Според истражувањата, вработените кои сфатиле како е одреден нивниот бонус се позадоволни од вработените кои добиле бонус, а не знаат како им е утврден. Ако сте транспарентни, вработените ќе ги согледаат вашите мотиви и ќе научат да се потпрат на вас.

Вклучете ги вработените во донесување одлуки

Може да поттикнете искрен дијалог со вработените преку кој ќе направите проценка на проектот (позитивни и негативни работи коишто треба да се сменат) или извештај за статусот и следните чекори. Кога луѓето се вклучени во донесувањето одлуки (дури и да го немаат последниот збор), поголема е веројатноста дека ќе ја поддржат одлуката и ќе ја добиете нивната доверба. Ако веќе сте ја донеле одлуката и не мислите да ја промените, тогаш воопшто не ги вклучувајте во овој процес, бидејќи така само ќе ги збуните.

Изградете добри односи

Потрудете се да изградите добар однос со вработените. Поврзаноста помеѓу вработените и лидерите има големо влијание во ангажираноста и посветеноста на вработените. Ако тие знаат дека разбирате што им е важно, ќе веруваат дека вие би дејствувале на начин што е во согласност со нивните интереси.

Одржете го ветувањето

Кога ќе дадете некое ветување на вработените, одржете го. Вработените не им веруваат на лидерите кои не го остваруваат своите ветувања, без разлика дали станува збор за бонус или проекции за раст на компанијата.