Како му успеа на Окленд да ја симне Виена од тронот?

89

Новозеландскиот град Окленд е прогласен на најдобар за живот во светот според Economist Intelligence Unit. На листата, како што пренесува ВВС, има 140 градови што се оценувани според повеќе фактори, меѓу кои: стабилност, инфраструктура, образование и пристап до здравствена заштита.

За Окленд, меѓу 10-те најдобри градови за живот се најдоа и: Осака (Јапонија), Аделаид (Австралија), Велингтон (Нов Зеланд), Токио (Јапонија), Перт (Австралија), Цирих (Швајцарија), Женева (Швајцарија), Мелбурн (Австралија) и Бризбејн (Австралија).

Според анализата, се покажало дека пандемијата е клучен фактор за квалитетен живот во градовите, па европските градови ги нема меѓу најдобрите 10, а својата доминација ја имаат Австралија, Јапонија и Нов Зеланд.

“Окленд се најде на врвот бидејќи имаше успешен пристап во сузбивање на пандемијата, што овозможи неговата економија да остане отворена, а градот да постигне добри резултати“, напоменуваат од Economist Intelligence Unit.

Според нив, европските градови покажале лоши резултати оваа година, па осум од десет најголеми падови се однесуваат токму на градови од Европа. Пример за тоа е Виена, којшто беше на врвот на листата од 2018-та до 2020-та година, а сега е на 12-та позиција. Австриската престолнина вообичаено ја делеше лидерската позиција со Мелбурн.

Најголем пад има германскиот град Хамбург, којшто се “лизна“ за 34 места и сега е на 47-ма позиција.

На дното на листата се најдоа: Лагос (Нигерија), Порт Моресбај (Папуа Нова Гвинеја), Дака (Бангладеш), Алжир, Триполи (Либија), Карачи (Пакистан), Хараре (Зимбабве), Дуала (Камерун) и Каракас (Венецуела).

Фото: Pixabay