Како на природен начин да третирате изгореници од сонце

57

plaza

Фото: Pixabay

За време на годишните одмори често се случува малку да заборавиме на сонцето и неговото штетно дејство. Во прилог неколку природни начини како да си помогнете доколку сте претерале со сончањето.

Изладете го местото користејќи мека крпа потопена во ладна вода. Истото повторувајте го барем 15 минути и менувајте ја крпата штом се затопли од топлината на телото.

Нанесете смеса од немасно млеко и вода (сооднос 1:4) заедно со неколку коцки мраз и 15 до 20 минути со газа или чиста крпа оставете ја истата да делува. Постапката повторете ја на секои два до четири часа.

Кесички со чај можат исто да помогнат, во случај ако ви е изгорен пределот околу очите. Само потопете ги во ладна вода и ставете ги на очите.

Одбегнувајте сапун и било какви гелови за туширање и не ја тријте кожата, бидејќи така само ќе ја влошите ситуацијата.

Земајте многу течности и јадете овошје за да не дехидрирате. Најдобро би било лубеница затоа што освежува, содржи многу вода и ја има во изобилие во летниот период.

Пред спиење нанесете малку пудра во прав (талк-пудра) на чаршафите за да се намали триењето со кожата којашто е премногу осетлива.

Во случај да имате гадење, треска, висока температура, несвестица, општа слабост, делови со виолетова боја на кожата или интензивно чешање, побарајте помош од доктор.