Како најголемиот пензиски фонд во светот остана без 40 милијарди долари за еден квартал

Норвешкиот пензиски фонд, кој е и најголемиот инвестициски фонд во светот, регистрираше загуба од речиси 40 милијарди долари во првиот квартал од 2025 година, што претставува негова најголема загуба во последната година и пол. Фондот изгуби 415 милијарди норвешки круни или точно 39,72 милијарди долари), што илустрира колку пазарите станаа непредвидливи, дури и за институциите што управуваат со трилиони, пишуваат Ројтерс, Блумберг, CNCB.

Инаку, фондот го управува „Норгес банк инвестмент менаџмент“ (НБИМ) во име на норвешкото население. Основан е во 1990-тите за инвестирање на вишок приходи од нафтената и гасната индустрија, а денес инвестира во повеќе од 8.600 компании во 63 земји.

Суштината на проблемот во изминатиот квартал беше технолошкиот сектор, кој со години беше двигател на неговиот раст. По исклучително успешната 2024 година, кога акциите на технолошките гиганти донесоа рекордни профити, почетокот на 2025 година донесе ненадеен пресврт. Акциите на технолошките компании се најдоа под притисок поради нестабилноста на глобалниот пазар, што имаше непосредно влијание врз фондот, чии приближно 70 проценти од неговите инвестиции се во акции, а најголемиот дел во американските технолошки компании.

НБИМ има големи удели во американските технолошки гиганти како што се Meta, Alphabet, Amazon, Nvidia, Tesla и Microsoft. Нивната слабост беше дополнително нагласена по тринеделната распродажба на технолошките акции со мегакапитализација во март, кога 2,7 трилиони долари пазарна вредност беа избришани од пазарот. Оваа распродажба беше поттикната од растечките стравувања за ефектите од царинските политики на американскиот претседател Доналд Трамп.

На нестабилноста ѝ претходеше распродажба на технолошките акции во јануари, кога кинеската компанија DeepSeek го претстави својот голем јазичен модел базиран на вештачка интелигенција. Тие тврдеа дека го развиле со значително пониска цена од американските лидери како што е ChatGPT на OpenAI, што предизвика пад на цените на акциите на технолошките компании фокусирани на вештачка интелигенција, особено Nvidia.

Во периодот од јануари до март, приносот од инвестициите во акции изнесуваше минус 1,6 проценти. Приносот од инвестициите во обврзници беше позитивен во првиот квартал и изнесуваше 1,6 проценти. Инвестициите во некотирани недвижности донесоа принос од 2,4 проценти, а оние во инфраструктурата за обновлива енергија од 1,2 проценти. Вкупниот принос во првиот квартал беше 0,6 проценти, покажа извештајот.

На крајот на март, фондот управуваше со средства во вредност од 18,5 милијарди норвешки круни, или приближно 1,738 милијарди американски долари. Повеќе од половина од вкупните средства сè уште беа пласирани на американскиот пазар, преку инвестиции во акции, државни обврзници и недвижности.

И покрај големите загуби, менаџментот на фондот останува верен на долгорочната инвестициска стратегија. „Првиот квартал беше обележан со значителни пазарни флуктуации. Нашите инвестиции во акции генерираа негативен принос, главно поради слабоста во технолошкиот сектор“, изјави извршниот директор на НБИМ, Николај Танген.