Милиони фанови ширум светот уживаат во музиката што излегува од виолината на планетарно познатиот Андре Риу. Тој е познат како “крал на валцерот“, а успеа неговата љубов кон класичната музика да ја претвори во мултимилионски бизнис.
Седумдесетгодишниот Риу, според In the black, продава повеќе билети за концерти од Бијонсе, а светот го заобиколува заедно со својот оркестар. Препознатлив е по тоа што живее во палата, одгледува пеперутки и сака да биде првиот артист што ќе има свој настап на Месечината. Тој би сакал Ричард Брансон, основачот на Virgin Galactic, да направи концертна сала на Месечината, за да можат еден ден луѓето да играат валцер во вселената. Тој има и уште еден амбициозен план, а тоа е одржување на концерт на Северниот пол, со цел да го привлече вниманието на светската јавност за глобалното затоплување. “Ги сакам мечките и мислам дека кога ќе го слушнат Дунав, убавите поларни мечки ќе заиграат“, рекол Андре во една прилика.
Риу од пет години почнал да свири виолина, а уште од мал бил фасциниран од оркестрите. Како дете сакал да стане римокатолички свештеник, но музиката му останала силна определба.
Во валцерот се заљубил во студентските денови, а денес веќе има култно место во светот. Некои критичари сметаат дека театралноста на Андре му носи голема публика на настапите. Сепак, тој изнаоѓа интересен и оригинален начин да ја доближи класичната музика до поголем број слушатели и успева во тоа.
Тој во 1987 година го оформува својот Johann Strauss Orchestra, со којшто имаше проби од шест месеци пред официјалниот настан. На почетокот, оркестарот го сочинуваа само 12 музичари, а денес се 43, а понекогаш и над 50 кога настапуваат на поголеми сцени. Истата година, Андре и неговата сопруга основаат продуцентска компанија. Првиот ден од 1988-ма година е особено важен за Андре, бидејќи тогаш се одржува неговиот прв концерт во јавност.
Во една прилика изјавил дека никогаш не слуша музика за да се релаксира. Повеќе би сакал да се одмора спиејќи, бидејќи поминува многу време во текот на денот слушајќи музика како дел од неговата работа.
Тој зборува пет јазици: холандски, англиски, француски, германски и италијански. Оженет е од 1975 година, живее во замок од 15-от век, а неговото богатство се проценува на 40 милиони долари.
Фото: Facebook