Kако Пјер Карден го изгради своето деловно царство

283

Познатиот француски моден креатор, Пјер Карден почина вчера на 99-годишна возраст.

Карден, кој е роден во Италија, во 1922 година емигрираше во Франција, а во педесеттите години на минатиот век основаше своја модна куќа и во наредните години изгради деловна империја.

Неговите родители биле богати трговци на вино кои се надевале дека нивниот син ќе стане архитект, но од осмата година Карден покажувал способност за моден дизајн дизајнирајќи фустани за кукли за детето на негов сосед.

Така започна приказната за човекот кој остави голем белег во модниот свет и на модата ѝ даде нова форма и покажа дека границите, ако не ги сакаме, не постојат.

Во доцните 30-ти години на минатиот век започнал да работи за кројач по име Манби во Франција каде останал скоро до крајот на Втората светска војна. Со Манби, Карден ја научи уметноста на кроење на оделата.

Пјер Карден сметаше дека облеката е исклучително важна психолошка, филозофска и социолошка појава што најдобро ги дефинира луѓето.

Тој веруваше дека Париз без мода ќе биде “град на пустош“ и дека прашањето за успех во животот зависи од волјата и енергијата што индивидуата ја вложува во себе, затоа што ако некој тврдоглаво и посветено работи на она што го интересира, нема цел што не може да ја постигне.

Многумина од париското општество, вклучувајќи го и Кристијан Диор, беа воодушевени од раните дела на Пјер Карден.

Работел во модната куќа на Диор до 1950 година, кога решил да отвори свое модно студио. Диор го поддржа во тоа и со зборови и со клиентите на кои го препорача.

Со Пако Рабан и Андреа Куреж, Карден се смета за креатор на футуристичката мода.
Во раните 60-ти години на минатиот век, тој ги испрати своите модели на пистата во костуми налик на астронаут. Тој не стекнал многу пријатели во светот на модата, но не му било гајле. Пред тоа, тој го создаде легендарниот балон фустан.

Тој исто така беше првиот што започнал со колекции Pret-а-porter, воведе геометриски кроеви и форми и беше заслужен за создавање унисекс модата.

Карден беше првиот кој се проби на тогашниот советски и кинески пазар.

Еден е од најбогатите луѓе во Франција и остава зад себе модна империја со стотици фабрики и лиценци ширум светот.

Никогаш не го криел своето богатство. “Можам да си дозволам сè“, рече тој во едно интервју.

Тој исто така рече дека секогаш гледал подалеку од неговите колеги, а работел и длабоко во доцните старечки години. “Ноќе гледам форми, материјали, бои. Се будам и цртам“.

Со неговата смрт, Франција загуби еден од најголемите модни визионери, познат по футуристичките креации.

Фото: Twitter