Како работата од дома е регулирана во земјава?

15

Работата од дома веќе неколку месеци не е привилегија само на фриленсерите и оние кои можат без никаков проблем да ги завршуваат сите работни обврски од удобната фотелја во дневната соба.

За да се спречи неконтролирано ширење на пандемијата, илјадници работодавачи ги испратија своите вработени да ги завршуваат своите задачи од дома, а целата комуникација и соработка ја олеснуваат ИТ алатките што добиваат сè поголема популарност.

Според законската регулатива што важи во земјава, “како вршење на работа дома се смета работа која работникот ја врши во својот дом или во простории по свој избор што се надвор од деловните простории на работодавачот“.

Вака гласи членот 50 од Законот за работни односи, во чиј втор став се додава: Со договорот за вработување со вршење работа дома работодавачот и работникот можат да се договорат, работникот да ја врши работата којашто спаѓа во дејноста на работодавачот или којашто е потребна за извршување на дејноста на работодавачот дома.

“Правата, обврските и условите кои зависат од природата на работата дома, се уредуваат меѓу работодавачот и работникот со договорот за вработување“, вели член 50 став четири.

Според истиот овој член, работникот има право на надомест за употребата на своите средства за работа дома, а висината ја определуваат работодавачот и работникот во договорот за вработување.

Согласно членот 51 од Законот за работни однос, инспектор на труд може да работодавачот да му го забрани организирањето на работа дома, ако работата дома е штетна за работниците кои работат дома или за животната и работната средина каде што се врши работата.

Фото: Freepik