Како руската салата донесе “лажен сјај“ на советските трпези

112

Салатата од мешан зеленчук што кремастата структура ја добива од мајонезот најдобро ја покажува креативноста на домаќинките од Советскиот сојуз, кои и покрај недостигот од храна успевале да создадат “лажно“ богатство и изобилие, пишува Павел Сјуткин во својата книга Готвач од СССР: Вистински приказни за советската кујна.

Тоа што меѓу луѓето е познато како руска салата навистина има потекло од оваа земја, но нејзин креатор е еден белгиски готвач кој во19-от век работел во познат московски ресторан.

Оригиналниот рецепт бил строго чувана тајна, но неговиот помошник го следел тоа што го правел и се обидел да го ископира, што резултирало со нов вид на оваа салата. Со тек на време, рецептот бил менуван и тоа не поради кулинарски причини. Во текот на тешкиот економски период, салатата на луѓето им служела како “лек за душата“.

Сјуткин за Economist вели дека до крајот на 70-тите години на минатиот век ширум земјата владеел голем недостиг на храна.

“Тешко е да се замисли ова, но во некои делови од годината било тешко да се пронајде дури и кромид меѓу празните полици во продавниците“, вели тој.

Од таа причина, многу салати, па и познатата руска, не биле правени по рецептот, туку во нив се ставало она што имале домаќинките, а тоа најчесто биле јајца, зеленчук и колбаси. Сите овие состојки ги поврзувале со мајонез, што ѝ давало специфичен вкус на салатата.

Иако денес нема проблеми со недостигот на храна, Русите не се откажуваат од мајонезот, чија годишна потрошувачка изнесува околу 2,5 килограми по домаќинство.

Фото: Freepik