Можеби поголемиот дел од претприемачите не се свесни дека со своите постапки му штетат на сопствениот бизнис.
Доколку се пронајдете во следните три точки време е да промените некои работи.
Се плашите од промени
Порано на луѓето им беа потребни години за да прифатат нова идеја и да се навикнат на нов производ. Но, денес технологијата се развива молскавично брзо и секој што нема да биде во тренд со достигнувањата и времето ризикува многу. Без разлика што работите, промените се клучен дел од секој бизнис. Направете анализа и видете каде е најпотребно да се применат нови технологии и кои вештини ќе треба да ги имате за да не изостанете зад другите.
Не прифаќате нови идеи
Во ред е секој да се води по одредена шема и план што претходно бил изготвен и послужил како платформа за градење на бизнис. Но, одвреме навреме ќе слушнете некое ново мислење, нова идеја, ќе наидете на нова можност чисто случајно. Доколку сте ограничени и решени да бидете роб на сопствените ограничувања, не очекувајте голем успех. Оние што ризикувале створиле, останатите тапкаат во место.
Мислите дека вие најдобро можете сè
Ова е класична сопка за најголемиот број на претприемачи, кои водени од сопственото его, не признаваат дека некој друг понекогаш може да биде во право и подобро да одговори на задачата. Секако вие сте креаторот на нештата и вашиот збор ќе биде последен. Но, за да можете да постигнете повеќе, ви треба помош и од други луѓе. Делегирањето на задачи е сосема во ред и треба да се применува секогаш кога имате обемна работа. Со помислата дека никој друг освен вас не може, само го саботирате сопствениот бизнис.