Правниот статус на крипто валутите е различен во секоја држава. Некаде се третираат како пари, финансиски инструмент или облик на имот. Разликите во третманот не произлегуваат само од тоа што крипто валутите сè уште се нова и недоволно дефинирана појава. Тука, исто така, е и желбата на државите дали сакаат да ги регулираат или не, да ги оданочуваат или не, пишува Bug.hr.
Само парите можат да бидат законско средство за плаќање. Алтернатива се неофицијалните пари, како златото, а од неодамна и крипто валутите. Дополнително, освен загуба на приходите, ништо не ги спречува државите на својата територија да го прогласат златото или некоја крипто валута како законско средство за плаќање.
На подрачјето на Европската унија, крипто валутите не се законско средство за плаќање.
Таканаречното рударење на крипто валути во смисла на данок на доход е исто што и рударење злато од физички рудник – ако го спроведува физичко лице, претставува доход од самостојна дејност и се оданочува.
Во однос купувањето, чувањето или разменувањето на сите дигитални (крипто) валути, Народна банка ја информира јавноста за следните ризици:
- Може да имате реална загуба на парите кои сте ги вложиле. За да купите дигитални (крипто) валути треба да имате пристап до платформа, односно софтверска апликација на која се разменуваат овие валути. Овие платформи најчесто се нерегулирани и интерните правила на создавачот на платформата се предмет на чести измени. Има голем број случаи кога овие платформи запреле со работа, без никаква најава. Клиентите треба да бидат свесни дека овие софтверски платформи не се банки, и дека не постои правна заштита за средствата кои ги вложуваат преку нив. Доколку платформата престане со работа, не постои механизам во кој клиентите ќе бидат обесштетени, како што е тоа случај со средствата вложени во банка која има дозвола за основање и работење издадена од гувернерот на Народната банка.
- Вашите дигитални пари може да бидат украдени. Во моментот кога ќе купите дигитални (крипто) валути, тие се сместени во т.н. дигитален паричник на вашиот компјутер, лаптоп и/или паметен телефон. Дигиталните паричници имаат дигитални клучеви или лозинка која овозможува пристап до нив. Доколку ја изгубите лозинката или клучот за пристап до вашиот дигитален паричник вашите средства се неповратно изгубени. Не постои централизирано место во кое се сместени лозинките или можноста да се измени лозинката со нова за да се пристапи до истиот дигитален паричник. Дигиталните паричници се најчеста мета на напади на хакери. Регистрирани се голем број случаи кога клиенти изгубиле значителни финансиски средства на ваквите платформи, без шанси за нивно враќање.
- Вредноста на вашите дигитални (крипто) валути може многу брзо да се намали, дури и да падне на нула. Цената на bitcoin и на останатите дигитални (крипто) валути брзо се издигна, поради рапидно инвестирање на голем број клиенти. Пазарот на овие валути е нестабилен, и нивната вредност се менува генерално врз основа на побарувачката за нив. Доколку опадне популарноста на одредена дигитална (крипто) валута и нејзината вредност може лесно да се измени или да падне на нула. Доколку се генерираат повеќе дигитални (крипто) валути отколку што се потребни, може да се случи клиeнтите да имаат повеќе дигитални средства во дигиталниот паричник, но тие да вредат помалку во реалниот живот.
- Трансакциите поврзани со дигиталните (крипто) валути може да се користат при криминални активности, вклучувајќи го и перењето пари. Трансакциите со виртуeлните (крипто) валути се јавни, меѓутоа налогодавачот и примачот на парите се анонимни. Тие им нудат на клиентите голем степен на анонимност, но најчесто трансакциите не може да се следат. Затоа токму овие мрежи на дигитални (крипто) валути најчесто и се користат за трансакции поврзани со криминални активности, перење пари и финансирање на тероризам. Доколку се појави сомневање дека одредена платформа се користи за вакви активности, државните органи според своите законски овластувања, може да ја блокираат платформата и да ги замрзнат сите средства на сите корисници.
Фото: Pexels