Како синоќа е изведен хакерски напад каков што Америка не памети

147

Twitter профилите на бројни познати личности, но и успешни компании, синоќа беа хакирани во најголемата крипто-измама досега на оваа платформа.

Барањата на хакерите биле да им се плати во биткоини. Хакираните твитови ги повикуваа останатите корисници да ја удвојат својата заработка доколку испратат донации во криптовалути во точно определен паричник за криптовалути. Неколку часа по почетокот на хакерскиот напад, околу 300 луѓе наседнале на измамата и испратиле биткоини во вредност од над 100.000 долари. Твитовите биле избришани неколку минути по објавувањето.

CNN објави дека засегнати биле профилите и на Илон Маск, Барак Обама, Бил Гејтс, Џо Бајден, Џеф Безос, Ворен Бафет, Мајкл Блумберг, Apple и Uber.

Компанијата Twitter соопшти дека се преземени драстични мерки и се блокираат сите твитови и објави од овие профили кои ќе бидат заклучени до решавање на ситуацијата.

“Свесни сме за безбедносниот инцидент. Истрагата е во тек и преземаме чекори како да ја средиме ситуацијата. Истражуваме дали хакерите презеле какви било други криминални активности и дали тие имале пристап до други информации. Кога ќе имаме нови детали, ќе ја известиме јавноста“, соопштија од Twitter.

На профилот на Бил Гејтс осамна пораката: “Ќе ги удвојам сите уплати на мојата биткоин адреса во следните 30 минути. Вие уплатете 1.000 долари, јас ќе ви дадам 2.000 долари“. Слични пораки се појавија и на другите профили.

Веднаш се огласи портпаролот на основачот на Microsoft кој разјасни дека тоа не е твит што го напишал Гејтс.

Извршниот директор на Twitter, Џек Дорси, рече дека ова бил “тежок ден за сите во компанијата“.

Ова беше најголемиот безбедносен инцидент на Twitter досега. Невообичаениот обем на нападот сугерира дека можно е хакерите да добиле пристап на ниво на системот, а не на поединечни профили. Експертите се изненадени од обемот и координираноста на нападот.

Дмитри Алперович, соосновач на компанијата за сајбер-безбедност CrowdStrike, вели дека ова е најголемиот напад на голема платформа за социјална мрежа досега.

Експертите истакнуваат дека хакерите најверојатно имале пристап до внатрешната инфраструктура на Twitter.

Хакерите направија и некои почетнички грешки, рече Алекс Стамос, поранешен шеф за безбедност на Facebook. Бидејќи напаѓачите испраќале идентични пораки од компромитирани профили, тие биле лесни за откривање и бришење.

Експертите за компјутерска безбедност соопштија дека нападот покажува колку социјалните мрежи остануваат ранливи за напади.

Фото: Pixabay