Како Србија стана популарна карантинска дестинација за патници од Индија?

66

Во време кога поради делта сојот, поголемиот дел од светор се затвора за Индија, Србија го интензивира воздушниот сообраќај со оваа земја. Србија станала многу популарно одредиште за патниците од Индија кои на некој начин мора да влезат во Европа и таму да поминат две недели во карантин, за да може да го продолжат своето патување кон посакуваната дестинација.

“Сите летови од Индија кон Србија се полни и не може да се најде слободно место во авион за наредниот месец“, пишува весникот Khaleej Times, пренесувајќи изјава на еден Индиец кој не може да се врати во Европа, бидејќи бројни земји на Стариот континент ги ограничија патувањата од Индија.

Во Србија наскоро ќе почне да опслужува уште една компанија, освен Qatar Airways, а тоа е Space Jet, којашто ќе оствари поголем број летови на релација Њу Делхи – Белград, пренесува Ex Yu Aviation.

Причина за големиот интерес на патници од Индија за Србија не се, како што пишува Biznis i Finansije, туристичките потенцијали и природните убавини, колку фактот што граѓаните на Индија немаат потешкотии при влез во земјата, па таму одат во своевиден карантин. Граѓаните на Индија без проблеми може да дојдат во Србија, да поминат две недели на европско тло, па да го продолжат патувањето.

Србија е единствена во Европа што не бара визи за патници од Индија, а во исто време не ги заострила мерките за патување, ниту ги откажала музичките фестивали и други манифестации.

Од сите земји членки на Европската унија, граѓаните на Индија може да патуваат само во Шпанија, Хрватска и Швајцарија, под услови да се целосно вакцинирани. Но, за да влезат во Унијата им е потребна виза, па затоа им е поедноставно да одат во некоја друга држава во Европа. Но, проблем е што освен во ЕУ, влез имаат само во Србија и Русија. Србија има најмалку барања за патниците од Индија, бидејќи им бараат само негативен тест, додека Русите освен тест бараат и виза.

Во последно време било забележано како туристички агенции од Индија продаваат пакети “карантин во Србија“ коишто траат три, 14 или 22 дена.

Фото: Pexels