Како Виена ги наградува оние кои ќе го оставаат автомобилот во гаража

538

Ако жителите на Виена се возат со јавен превоз, велосипед или прошетка, освен свеж воздух и физичка активност, ќе добијат и бесплатен билет за посета на музеј или театар.

Градот Виена воведе нова апликација за патување без автомобили. Апликацијата работи преку систем за следење којшто го препознава користениот начин на транспорт и ја пресметува заштедата на CO2 во споредба со земањето автомобил, пренесува The Local.

Од 26 февруари, апликацијата ќе биде тестирана од 1.000 корисници. Тестирањето ќе трае шест месеци и доколку биде успешно, апликацијата ќе биде достапна за пошироката јавност во есен.

“Ние сакаме да го наградуваме намалувањето на СО2 со културно искуство“, рече членот на градскиот совет во Виена, Питер Ханке, на презентација на новата апликација, којашто им овозможува на корисниците да соберат ‘културни токени’ секогаш кога патуваат без автомобили.

“Просечниот жител заштедува 20 килограми јаглерод диоксид со тоа што не го користи автомобилот околу две недели“, посочи водачот на проектот, Кристина Хубин.

Инаку, годишниот билет за превоз во Виена чини 365 евра и е попопуларен од кога и да било, бидејќи сега дури 852.000 виенски граѓани го поседуваат, што е зголемување за повеќе од 30.000 за само една година. Така, веќе четврта година во Виена има повеќе корисници на годишни билети отколку регистрирани автомобили.

“Задоволни сме од овие позитивни случувања, системите за јавен превоз кои толку добро функционираат се клучен придонес за заштитата на климата во нашиот град. Секој кој се одлучува за карта во јавен превоз, а не за автомобил, заштедува 1,5 тони CO2 штетен за климата“, изјави членката на градската влада за јавен превоз, Ули Сима.

Граѓаните низ Виена се превезуваат со 129 автобуси, 28 трамваи и пет метро линии. Јавниот превоз е брз, сигурен и еколошки прифатлив, а дневно надминува рута од вкупно 1.150 километри. Патниците се возат до најоддалечените делови на Виена и тоа по многу ниска цена: годишниот билет изнесува само едно евро на ден, што во однос на другите метрополи е најевтина понуда.

Фото: Pixabay