Како заработува Бијонсе и на што го троши богатството?

261

Бијонсе Жизел Ноулс Картер е целото име на познатата американска пејачка, авторка, продуцентка и актерка. Таа е родена во Хјустон, а на светот му е позната по убавиот глас и заносниот изглед. Mузичката кариера ја започнува во доцните 90-ти како дел од групата Destiny’s Child.

Триесет и седумгодишната Бијонсе денес на својата сметка има богатство од над 470 милиони долари, што ја прави една од најплатените музички ѕвезди во светот.

Кога станува збор за бизнисот, Бијонсе ја основа компанијата Parkwood Entertainment во 2010-та година, којашто работи како продукција, а под своја “капа“ развива музика, видео содржини и мода.

Освен што има своја компанија и добро заработува од музиката, Бијонсе од 2002 година е заштитно лице на Pepsi. Во 2012-та, пејачката потпиша договор вреден 50 милиони долари. Бијонсе, исто така, соработува и со Tommy Hilfiger, а го промовираше и парфемот Diamonds на Emporio Armani. Во 2010-та година, пејачката го лансира својот прв парфем под името Heat, една година подоцна го претставува Heat Rush, додека нејзиниот трет парфем го носи името Pulse. Се верува дека продажбата на парфеми ѝ донела огромна заработка.

Во март 2015-та година, станува косопственик на музичкиот сервис Tidal, заедно со нејзиниот сопруг Џеј Зи, Кание Вест, Ријана, Мадона, Крис Мартин и други. Во 2019-та година, повторно ја активираше соработката со Adidas.

Освен со музиката, Бијонсе е активна и во модниот бизнис, па нејзината прва модна линија е лансирана во 2005 година.

Но, најголемиот дел од богатството што го има денес го заработува на музички турнеи, од продажба на албуми и спонзорствата. Во 2016-та и 2017-та заработи 60 милиони долари, со што беше една од најплатените светски познати личности според Forbes.

Како и голем број милионери во светот, така Бијонсе и нејзиниот сопруг вложуваат во недвижнини. Во Хемптонс купиле вила за одмор вредна 26 милиони долари, а исто така, во 2017-та година купиле куќа во Бел Ер за 88 милиони долари. Популарната двојка со своите деца често оди на одмор во Доминиканската Република, каде што отседнуваат на имот од 19,5 милиони долари.

Освен што заработува добро, Бијонсе е позната и по тоа што троши големи суми на необични работи. Така, за вештачки трепки троши и по 20.000 долари дневно, а ужива во возење со Mercedes којшто чини “само“ милион долари. Во домот има сопствен готвач кој добива месечна плата од 7.500 долари.

Но, не смее да се изостави и фактот дека Бијонсе е и филантроп. По ураганот Катрина, Бијонсе даде почетна помош од 250.000 долари. Членува во многу фондации и хуманитарни организации во коишто дава финансиска и лична поддршка за собирање средства и донирање за различни цели. Во 2016-та година беше прогласена за најхуманитарна позната личност во светот.

Фото: Facebook