Каков туризам ќе изградиме, со таков ќе работиме

8

Туризмот, како еден од поважните двигатели на глобалниот раст кој сочинува 10 проценти од светската економија, е една од најтешко погодените индустрии. Пандемијата создаде сериозни домино ефекти во екосистемот, па кризата ги афектираше не само авиокомпаниите или големите хотелски ланци, туку и 80% од туристичкиот сектор составен од помали даватели на услуги. Со најновата прогноза на WTTC се предвидува дека глобално до 75 милиони работни места ќе бидат загрозени, па ова сериозно го става под прашање темпото со кое ќе закрепне туризмот и енергијата која ќе биде потребно сите ние да ја вложиме.

“Во ваква непредвидлива ситуација, Владите можат и играат критична улога во поддршката на индустријата преку заштита на егзистенцијата, а со тоа и побрзо економско закрепнување. Неколку влади низ светот веќе објавија стимулативни пакети за ублажување на влијанието од пандемијата, што се покажа како клучно за туристичката индустрија. Но, сите знаеме дека ова само помага на приватниот секор да се преброди кризата, но на краток рок, со што ќе овозможи услови за работа и соработка на клучните играчи во индустријата. Закрепнувањето сепак зависи од нив, затоа што тие ја прават основата за одржливо закрепнување на индустријата. Оние кои успеаа брзо да се прилагодат на промените и да ја искористат можноста за подобрување на својата понуда успеаа и во оваа 2021 година да остварат обрт, па дури и профит. Усогласувањето со промените и новите очекувања на патниците бараат иновативен пристап, а тоа значи нови решенија со кои се дава приоритет на безбедноста и флексибилноста за време на патувањето. Тие ќе помогнат да се врати вербата во патувањето и туризмот” – изјави Љупчо Јаневски, Директор на АППТ.

Истражувањето на Agoda.com направено на ниво на Азија покажува дека патниците во 2021 очекуваат со напредокот во технологијата да се подобри ефикасноста и леснотијата на резервациите и патувања. Резервирањето на престој и активности преку мобилни апликации ќе стане норма за одмор оваа деценија. Тоа значи промени во начинот на работењето на туристичката индустрија. Што е најважно, во туристичкиот екосистем сите страни треба да соработуваат со што би ги усогласиле условите за вакви нови политики и стратегии, но и за координиран пристап со што ќе се олесни и попривлече вниманието на патниците.

Според Светската туристичка организација, следната деценија повеќе од 25% од луѓето ќе направат екофрендли избори за патување. Пандемијата не натера да размислиме уште повеќе за одржливото патување или избирање дестинации кои се помалку посетени. Меѓутоа, враќањето на туристите и обновување на довербата во патувањата ќе бара нови пристапи и соработка. Ќе бидат потребни заеднички напори од сите играчи за да излеземе од ова што побрзо, на еден безбеден и одржлив начин, ТУРИЗАМ ЗА ИНКЛУЗИВЕН РАСТ!