Какви вештини треба да развиваат вработените во иднина?

198

MG_3725-580x387

Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), минатата недела ја организираше дводневната интернационална конференција за човечки ресурси и HR Expo 2016, на тема Ангажираност на работниците и идните компетенции за економска благосостојба (Employee Engagement & Future Competencies for Economic Well-being). На осмата конференција за човечки ресурси, гостите говорници се обидоа да дадат одговори на прашањата како да се најдат вистинските луѓе и како да се задржат, како да се мотивираат да останат посветени на работата и компанијата, кои компетенции и вештини ќе им бидат потребни на компаниите од своите вработени во иднина…

“Исполнета е целта за организирање на овој настан, да се актуелизираат теми од областа на управувањето со човечки ресурси и воедно да создадеме вмрежување за размена на искуства помеѓу HR менаџерите од регионот. Задоволството е големо што овој настан со годините прерасна во вистински регионален бизнис собир, на кој имаме можност да слушнеме врвни презентери од академскиот, од корпоративниот свет, како и од менаџмент консалтингот од Европа и пошироко. Им благодарам на сите поддржувачи кои ја препознаваат вредноста и се грижат секоја година конференцијата да го достигне посакуваното високо ниво на организација”, изјави претседателот на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Христина Лозаноска, која го отвори настанот.

1

Воведен говор имаше и Маја Кадиевска – Војновиќ, вицегувернер на Народна банка на Република Македонија. Консултантот Бране Грубан од Dialogos, Strategic Communications, Словенија, зборуваше за митовите и реалноста во врска со ангажираноста на вработените, а професорот Матеј Черне од Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана зборуваше за факторите што во иднина ќе влијаат врз ангажираноста на вработените. Професорот Крис Лиасидис од Универзитетот Шефилд Сити Колеџ, Грција, зборуваше за времено вработените и нивната ангажираност. За емоционалната интелигенција на работното место зборуваше Гвинет Летербароу од Feelgood Coaching and Consulting, Австрија. Според неа, “исклучените” и демотивираните вработени можат да го уништат бизнисот. Комуникацијата меѓу луѓето станува многу автоматизирана, но секогаш треба да се има во предвид дека работиме со луѓе, а луѓето имаат чувства… Затоа емоционалната интелигенција е важна за бизнисот. Ацо Момчиловиќ од Rimac Automobili, Хрватска, потенцираше кои се компетенциите што ќе им бидат потребни на вработените во хајтек компании.

rimac 1

Некои од нив се адаптивно размислување, способност да се работи во/со различни култури, да ги прифаќаат новите медиуми, способност да ги филтрираат информациите по важност, способност да работат како дел од виртуелен тим. На панел дискусија, своите успешни приказни ги раскажаа Ѓорѓе Војновиќ, поранешен кошаркар и Наташа Мешкова, национален шампион во пливање.

Вториот ден од конференцијата го отвори Филипо Абрамо од Светската федерација на асоцијации за менаџирање. Тој зборуваше за предизвикот на менаџерите за човечки ресурси кои ја менаџираат генерацијата Y (millennials), затоа што тие размислуваат и функционираат на сосема поинаков начин. Абрамо зборуваше за вештините што првите луѓе на одделите за човечки ресурси мора да ги имаат.

“Прво, мора да го разбирате бизнисот на вашата компанија. Второ, мора да разбирате бројки – работи што не се толку вообичаени на луѓето од ЧР. Трето, мора да ги адаптирате стратегиите на вработените со стратегијата на компанијата. Уште една вештина што ние како луѓе од ЧР мора да имаме е да знаеме како да ги мотивираме луѓето. Менаџирање со таленти е уште една вештина што мора добро да ја владееме”, рече Абрамо.

klm

Лукас ван Вис од холандската авиокомпанија KLM се осврна на вештините потребни за лидерство, додека Стив Кокрам, говорник за лидерство од Giant Worldwide, Англија, зборуваше за компетенциите што ќе им бидат потребни на големите лидери во иднина. Ана Мамалаки од Titan Cement Company, Грција, зборуваше за предизвиците на луѓето од ЧР при аквизиции и ширење на бизнисот во други земји, соочувањето со поинакви култури и навики на работа. Зана Бокши Казази од KEP Trust, Косово зборуваше за предизвиците при развојот на компетенциите на вработените, а д-р Јака Вадњал, претседател на менаџерскиот борд на Hranilnica LON d.d. Словенија и вонреден професор на Универзитетот Американ
колеџ Скопје, зборуваше за меките вештини што идните вработени треба да ги поседуваат.

jaka 1

Меките вештини (soft skills) им помагаат на луѓето да се адаптираат на моменталните околности и да се однесуваат позитивно за да можат ефикасно да се справуваат со секојдневните предизвици на професионален и приватен план. Некои од нив се комуникативност, фокусираност на клиенти, тимска работа, постојано учење, креативност, вештини за донесување одлуки, водење, аналитички вештини, вештини за преговарање, за справување со конфликти и стрес, за остварување контакти…

Конференцијата заврши со презентацијата на генералниот секретар на Македонската асоцијација за човечки ресурси, Дарко Петровски, кој се осврна на развојот на нови генерации лидери преку аплицирање на know-how.