Калеников: Градежниот сектор и во 2014 година двигател на македонската економија

108

zlatko-kalenikov Раздолжување на државата кон стопанството, Законот за финансиска дисциплина, кредитните линии на Европската инвестициска банка (ЕИБ), намалување на референтната каматна стапка на 3,25%, како и договорот со Русија за гасификација на Македонија.
Ова се петте економски позитивни работи кои Сојузот на стопански комори (ССК) ги издвои за 2013 година.

Во освртот за изминатата година, се наведува дека ССК активно учествувал во креирањето на економските политики во земјата оваа година.

Иницијативата на ССК резултираше во координирана акција на државата и годинава во февруари државата целосно се раздолжи по сите основи кон стопанството, фактури на извршени услуги, набавки, поврат на ДДВ.

„Со ова значително се подобри ликвидноста на компаниите и повлече низа иницијативи за реализација на акции за економски раст. Баравме шест месеци до една година по раздолжувањето да се донесе Закон за финансиска дисциплина со што би се заокружил процесот на подобрена ликвидност. По имплементацијата на задолжницата, раздолжувањето на владините институции, овој Закон треба да донесе и дисциплина помеѓу фирмите. Добра работа е вклучувањето на јавниот сектор во Закон за финансиска дисциплина, но сепак треба да се внимава, бидејќи финансиската кондиција на фирмите се уште не е во добра форма“, вели Златко Калеников, претседателот на ССК.

Мерките за странски кредитни линии како од Европската инвестициона банка со фиксна каматна стапка од 5,5% значително помогнаа да заздрави и опстане еснафот во Македонија.

„Најзначајно е тоа што освен за инвестиции, се изборивме оваа кредитна линија да се користи и за обртни средства. Досега од ЕИБ се искористени 250 милиони евра со кои се поддржани близу 800 компании. Најпрво индустриски за развој на производствени процеси, а потоа и услужни, трговски… Со новата транша од 100 милиони евра и следната година бизнисот ќе има пристап до бенифицирани кредити“, додава Калеников.

Калеников вели дека конечно после големи укажувања и напори, ССК успеа да најде заеднички јазик со Народна Банка на Република Македонија.

„Народната банка постепено ја намалуваше референтната каматна стапка од 9% во 2009 година, за годинава да достигне 3,25%, рекордно најниско ниво во самостојна Македонија. Како резултат на тоа се деблокираа средствата за кредитирање и паднаа каматите кон стопанството. Тоа пак, придонесе во услови на криза Македонија да има мал, но сепак економски раст “, рече Калеников.

Калеников додава и дека од голема важност за стопанството е потпишувањето на договорот со Руската Федерација за соработка во изградбата на гасоводот Јужен тек, со што е остварена стратешка цел за обезбедување енергетска иднина на земјата.

„Енергијата е еден од главните инпути на секоја економија. Во Македонија недостасува евтина енергија, а протокот на гас ќе овозможи долгорочно да имаме поевтин и ефикасен енергенс. Тоа пред се ќе и помогне на индустријата, а секако ќе треба да им ги намали трошоците и на домаќинствата. Се очекува по овој договор, цената на природниот гас значително да се намали и земјава да стане поголем потрошувач на овој енергенс“, смета Калеников.

Покрај овие значајни мерки за подобар деловен амбиент се и измените на Законот за стечај со кој се најави скратување на стечајните постапки, како и објавување на даночните должници.

Од ССК очекуваат наредната 2014 ќе биде подобра година за економијата, а како главни двигатели на растот се очекува да бидат зголемените капиталните инвестиции за 20% предвидени во Буџетот, домашните и странските директни инвестиции, излегувањето на ЕУ од рецесија и за прв пат проектираниот економски раст на ЕУ од 1,4%, надеж за нашиот извоз, мерките на Народна Банка, референтна каматна стапка 3,25%, ограничена побарувачка на благајнички записи според јасна определба на побарувачка, неделни репо-аукции, како и ослободување на задолжителните резерви на банките за износот на кредитите на нето-извозниците и домашните производители на електрична енергија.

Сето ова, според наша проценка, вели Калеников, треба да резултира со зголемена лична потрошувачка, велат од ССК.

„Динамиката на економскиот раст ќе зависи од реализацијата на најавените инфраструктурни проекти. Друг клучен фактор кој ќе влијае на економскиот раст се вложувањата во енергетиката. Градежниот сектор сметаме дека ќе биде двигател на растот и во 2014 година. Очекуваме македонските фирми активно да се вклучат во реализацијата на овие проекти. Најавена е поддршка за нашите компании на тој начин што ќе можат да бидат добавувачи на странските компании кои работат во Македонија. Тогаш ќе може уште повеќе да се почувствува ефектот од привлекувањето на странските инвеститори во земјата“, вели Калеников.

Она што е особено важно за економски раст е зголемување на кредитирањето, односно кредитниот пораст кој во моментот е 5,1% да порасне до 9% во 2014година, објаснува Калеников.

„Сметаме дека се создадени услови од страна на Народна банка, преку одржување на историско најниско ниво на референтната каматна стапка и преку други макропрудентни мерки за зголемена кредитна поддршка на економијата. Засега ефектите кај кредитирањето изостануваат. За 2014 година охрабрува најавата за зголемена кредитна активност на банките. Ликвидноста на банките е голема и има доста пари кои треба да се пласираат во стопанството и меѓу населението“, изјави Калеников.

Евтините кредитни линии, кои се иницијатива на Сојузот на стопански комори и новите 100 милиони евра обезбедени од Европската Инвестициона Банка дополнително ќе влијаат на подобри перформанси на македонските претпријатија.

„Имајќи ги в предвид горенаведените работи, сметам дека приватниот сектор ќе биде двигател на зголемена лична потрошувачка во 2014 година. Покрај ова и најавеното зголемување на пензиите и платите во јавниот сектор, треба да придонесат за зголемена лична потрошувачка. Се надевам дека пазарењето ќе се остварува главно во Република Македонија, преку зголемена понуда на производи на македонскиот пазар, преку конкурентен модел на шопинг кампањи, како и преку зголемен број на трговски центри“, вели Калеников.

На самиот крај проекциите за економски раст во 2014 година, на Владата се базирани на 3,2%, Народна Банка очекува раст на економијата од 3,7%, Светска банка од 3%. Врз база на анализите и проекциите за економски раст за 2014 година, Сојузот на стопански комори очекува раст од над 3,5%, додава Калеников.