Канада веќе разгледува опции за да возврати со царини за одредени американски производи доколку новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп ја исполни својата закана дека ќе воведе царини за бројни производи од Канада, изјави висок функционер на таа држава.
Трамп се заканува дека ќе воведе царини за стоки од Канада и Мексико по преземањето на функцијата на 20 јануари, доколку тие земји не го запрат, како што смета тој, протокот на дрога и мигранти преку северната и јужната граница на САД.
Според него, еден од неговите први претседателски декрети ќе биде царини од 25 отсто за сите стоки што доаѓаат во САД од Канада и Мексико.
Претставник на канадската влада рече дека Канада се подготвува за сите евентуални можности и почнала да размислува кои американски производи ќе подлежат на царини како одмазда.
Претставникот, кој побара анонимност, рече дека сè уште не е донесена одлука, јавија канадски медиуми.
Уште во неговиот прв претседателски мандат (2016-2020), Трамп воведе царини за други земји, на што тие одговорија со свои царини за американските производи.
Така постапи Канада во 2018 година како знак на одмазда за одлуката на Трамп да воведе царини за канадскиот челик и алуминиум.