Рокот за добивање интегрирана еколошка дозвола до април 2014 година нема да биде пролонгиран. Ова го нагласи министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.
На вчерашната прес-конференција во Владата, Адеми истакна дека компаниите имаат доволно време да се подготват за да ги имплементираат сите еколошки стандарди, а за непочитување на обврската ќе бидат санкционирани.
“Најголема и единствена казна за непочитување на Законот ќе биде затворање на инсталацијата. Законот е усвоен во 2005 година и од тогаш сите инсталации во Македонија знаеjа дека треба да аплицираат со конкретни оперативни планови да обезбедат А интегрирана дозвола и до април 2014 сите оперативни планови да ги имплементираат”, рече Адеми.
Министерот додаде дека во Министерството досега аплицирале 135 компании за А и Б интегрирани дозволи. Издадени се 50 А интегрирани дозволи, а уште толку се во постапка, кои ќе ги добијат наскоро.
Минатата недела се одржа средба меѓу претставници на Владата и од компаниите, каде им беше укажано дека рокот нема да се пролонгира.