Секој човек има право да има планови за својот приватен, но и професионален живот. Така е и со жените кои сакаат да напредуваат, да градат кариера, да придонесуваат за своето семејство, околината, општеството… Но, се исправени пред предизвикот дали е поважно да се гради кариера или да се посветат на семејството.
Природно е секоја жена да посакува да се реализира во улога на мајка, да се грижи за својот дом и семејство. Но, исто толку има право и потреба да биде и добар лекар, новинар, инженер, директорка, професорка…, да гради успешна кариера и да се развива во професијата што ѝ претставува уживање, задоволство и предизвик. Секако, со поддршка од најблиските и одбирање приоритети во вистинско време можни се двете.
Сепак, македонската статистика покажува дека околу 62% од жените не бараат работа поради грижа за семејството. Кај мажите, според податоците, тој процент е околу 6%.
Родовата рамноправност е дел од Целите за одржлив развој коишто, според Државниот завод за статистика, претставуваат глобална рамка за креирање политики што водат кон искоренување на сите форми на сиромаштија, нееднаквост, зачувување на животната средина, обезбедување просперитет и мир.
Податоците говорат дека има јаз во вработеноста на штета на жените, а исто така, се појавува и јаз во заработувачката. Така, во 2014 година, јазот од просечната бруто заработувачка е 9,1% на штета на жените.
Во однос на тоа колку жените во нашето општество се на главни позиции, податоците сведочат дека 38,3% од мандатите во парламентот им припаѓаат на жени, а кога се работи за жени во владата, тој процент е 12,2%. Без малку 20% (поточно 19,7%) од лицата на возраст од 25 до 64 години на раководни позиции се жени.
Фото: Pexels