Бранка Славеска кариерата ја започнува во Скопска Пивара, потоа во винаријата Тиквеш и преминува во Хајнекен. Животниот пат од Македонија ја носи во Австрија, па Белорусија, Русија и сега е во Хрватска, каде работи на позицијата претседател на Управата на Карловачка пиварница. Вели дека го живее животот што сама го одбрала, работи работа што ја обожува и секогаш се труди да искористи се што и пружа животот.
БИ: Од Македонија, Белорусија, преку Русија во Хрватска. Кажете ни нешто за Вашето искуство, како дојдовте до тоа да станете претседател на Управата на Карловачка пиварница?
Во Македонија стекнав диплома за машински инженер. Но, дури кога ја имав дипломата во раце се запрашав дали навистина сакам работа во таа струка, која можеби никогаш нема да ја добијам или сум подготвена да се обидам со нешто ново и поинакво. Тоа беа деведесеттите години, а во Македонија невработеноста беше на високо ниво; меѓу младите до 29 години поголема од 40%. Мене ме привлекува динамичен живот, патувања, можност за постојано учење и усовршување, што во тоа време во транзициска Македонија го нудеа само меѓународните компании. Така почетокот на мојата кариера го означија Пивара Скопје, а нешто подоцна и винаријата Тиквеш. Продолжив со образованието во областа на управување и продажни вештини и завршив MBA програма на универзитетот во Шефилд. Во компанијата Хајнекен почнав да работам 2006 година, како раководител на развој на каналите за регионот централна и источна Европа за Хајнекен, со седиште во Виена. По Виена заминав во пиварницата на Хајнекен во Белорусија, каде работев како директор на продажба и дистрибуција. Пред да дојдам во Хрватска, бев на позиција директор на спроведување на продажните активности во Русија. Сега пред мене е нов предизвик во кариерата: на чело сум на Карловачка пиварница (Карловачка пивовара), компанија која има долга традиција и произведува врвно пиво – Карловачко, познато и ценето и надвор од границите на Хрватска. Мило ми е што сега живеам и работам во Хрватска, затоа што тука се чувствувам како дома.
БИ: Каква е конкуренцијата на пивата на хрватскиот пазар? Дали најголемата борба се води меѓу Карловачко и Ожујско пиво или можеби најпродавани се странските, увозни пива?
Хрватскиот пазар на пиво е многу динамичен и компетитивен. Споменатите брендови се најпродавани пивски брендови во Хрватска и држат поголем дел од пазарот. Карловачкото пиво особено се истакнува со долгата традиција уште од 1854 година, а го карактеризира златно – жолтата боја и освежителниот горчлив вкус. Посебно е по складната арома на сладот и вкусот. Многу сме горди на нашата традиција, наследство и врвен квалитет на Карловачко, кое секогаш било препознатливо како она вистинско пиво токму поради своите квалитети. Тоа го потврдуваат и бројните признанија за квалитет што ги доби Карловачко пиво во текот на изминатите години (на пример златен медал за квалитет на меѓународниот натпревар Monde Selection во 2011 година). Понатаму, Карловачко потекнува од срцето на Хрватска, а кога го произведуваме, го произведуваме од срце и нашите потрошувачи тоа го препознаваат. Карловачко е омилено хрватско пиво, идеално за уживање во друштво со пријателите. Оваа година за нас е многу посебна – славиме 160-ти роденден, па сакам да ја искористам оваа прилика и да ги повикам сите македонски љубители на пиво кога ќе дојдат во Хрватска, да уживаат во Карловачко светло, Карловачко црно или Карловачко радлер. Карловачко е најдоминантно во извозот меѓу хрватските пивски брендови и може да се најде во БиХ, Шведска, Швајцарија, Германија, Австрија, САД, Австралија, Унгарија, Словенија и Канада.
БИ: Вашата адреса на живеење е Рим, таму е вашето семејство. Како успевате да балансирате меѓу работата и приватниот живот, со оглед на тоа дека често патувате?
Живеам живот што сама сум го одбрала, работам работа што ја обожувам и секогаш се трудам да искористам се што ми пружа животот. Уживам да работам и живеам во меѓународно опкружување. Тоа е многу возбудливо и интересно, но понекогаш не е лесно, особено кога имате дете. Мојот син, кој неодамна наполни три години, патува со мене. Веќе е вистински светски патник и полиглот: прошетал 11 држави и зборува три јазици – со мама и тато италијански, со баба во Скопје македонски, а во градинка англиски. Поради природата на работата и честите патувања како семејство понекогаш не сме толку заедно колку што би сакала. Но, имам голема поддршка и многу разбирање од фамилијата, а тоа ми е најважно.
БИ: Што ново може да се очекува од Карловачка пиварница? Кој ќе биде вашиот прв проект на функцијата што сега ја извршувате?
Моја главна задача е да ја зајакнам Карловачка пиварница. Сакам да постигнам да бидеме уште посилни и поиновативни. Како произведувач на пиво, секогаш бараме начини да ги задоволиме потребите на нашите возразни потрошувачи. Посветени сме на создавањето на иновативни пивски марки кои пружаат единствено искуство и придонесуваат за уживање во животот. На почетокот на оваа година портфолиото го збогативме со врвното холандско Amstel Premium Pilsener. Ова пиво има традиција од 1870 година и го карактеризира поспор начин на производство. Имено, додека за некои лагери минималното време за ферментација и одлежување е 11 дена, за Amstel Premium Pilsener тој процес трае минимално 16 дена. Исто така, се користи вид на квасец поради кој пивото поспоро ферментира. Со таквиот начин на производство се добива профил на Amstel Premium Pilsener кој го карактеризира свеж, урамнотежен и јасен вкус, без овошни примеси и со изразена арома на хмељ. На фамилијата Карловачко, што ја сочинуваат Карловачко светло, Карловачко црно и Карловачко радлер, неодамна и придруживме уште еден член, Карловачко 0,0% Maxx. Ова пиво е подготвувано од избрани квалитетни состојки со 0,0% алкохол, а единствениот спој на пченичен и јачмен слад му дава свежина и одличен горко – слаткаст вкус. Направено е од врвни состојки и има одличен вкус во кој може да се ужива во било која пригода и било кој период од денот. Сакаме да ги урнеме предрасудите, кои за жал се врзуваат со безалкохолното пиво и да покажеме дека и безалкохолното пиво може да има одличен вкус. За ова лето подготвивме уште еден пивски деликатес – Карловачко лаганини радлер. Станува збор за единствен спој на Карловачко светло пиво и освежителен овошен сок со вкус на лимета, коријандер и мирта. Создаден е на начин така што го зедовме најдоброто од природата, ги искористивме најдобрите искуства од Медитеранот и ги претворивме во најнов член на семејството Карловачко пиво. На пазарот е достапно од крајот на март. Како што гледате, многу работиме, но верувам дека можеме уште многу да направиме.