
Во Скопје, еднособен стан во Центар или Карпош се издава во просек од 300 до 450 евра, додека двособните станови се движат најчесто од 400 до 650 евра, во зависност од локацијата, новоградбата и опременоста.
За споредба, во европските градови цените се значително повисоки. Во Белград еднособен стан во центар чини околу 500–800 евра, а двособен често надминува 900 евра во атрактивни зони. Во Атина просекот е околу 600–900 евра, во Будимпешта од 550–850 евра, додека во Прага еднособен стан најчесто чини 800–1.200 евра. Во Виена кириите се движат од 900 до 1.400 евра, а во Берлин од 900 до 1.500 евра.
Иако цените на изнајмување во Скопје се пониски, агенциите за недвижности истакнуваат дека клучниот проблем е односот меѓу кириите и платите.
Од агенциите за недвижности велат дека побарувачката останува висока, додека понудата на квалитетни станови во атрактивните зони е ограничена, што директно влијае на растот на цените.
-Пазарот е значително променет во последните две години и трендот на раст на кириите продолжува, особено кај помалите и средни станови. За еднособен и двособен стан во Центар и Карпош цените најчесто се движат од 400 до 650 евра, во зависност од локацијата, опременоста и новоградбата. Најголем притисок има во деловите околу строгиот центар и универзитетите. Поради тоа, цените на изнајмување во Скопје забрзано се приближуваат до оние во европските метрополи, велат за „Локално“ од агенцијата за недвижности „Виртус Каза“.
Оттаму додаваат дека растот не е само резултат на зголемена побарувачка, туку и на намалена понуда на долгорочни станови за издавање.
-Сè повеќе сопственици се одлучуваат да ги издаваат становите краткорочно или да ги продаваат, што ја намалува достапноста за долгорочен закуп. Тоа директно ги крева цените, додаваат од агенцијата.










