Катар најавува зголемување на производството на течен гас

38

Катар ќе го зголеми производството на природен гас и покрај неодамнешниот остар пад на цените на светските пазари, сметајќи на долгорочниот раст на побарувачката во Европа и Азија.
Новите капацитети ќе го зголемат производството на течен природен гас (ЛНГ) за шест милиони метрички тони годишно, на 142 милиони тони годишно, изјави во неделата шефот на QatarEnergy, Саад ал-Каби.

Најавата на катарскиот производител следи по одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да го прекине издавањето на дозволи за изградба на нови терминали за извоз на ЛНГ, при што Министерството за енергетика истакна дека ќе го анализира влијанието на извозот врз животната средина и економијата.

Во исто време, невообичаено блага зима на северната хемисфера ги турна цените на ЛНГ во Азија на најниско ниво во последните три години. На референтната европска берза ТТФ цената на мегават со рок на испорака од 30 дена беше на најниско ниво во повеќе од две години.

Лидерот на катарската компанија во соопштение за медиумите предвидува дека азиските пазари на гас повторно ќе растат и дека на Европа ќе и треба повеќе гас во догледна иднина.

„Сè уште веруваме дека гасот има голема иднина уште најмалку 50 години и ќе го зголемиме капацитетот секогаш кога тоа ќе ни го дозволат техничките услови“, рече Кааби на прес-конференција во Доха.