Катастарот лани легализирал 15.852 дивоградби

53

Во Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) лани биле успешно завршени 15.852 барања за легализација. Од стартот на процесот за легализација досега вкупно се впишани 264.488 легализирани објекти, пренесува за МИА.

Со актуелниот Закон за легализација можеа да се легализираат дивоградби изградени до март 2011 година, а во роковите што се продолжуваа во два наврати беа поднесени 430 илјади барања за легализација. Во собраниска процедура веќе подолго време е Предлог закон со кој се предвидува нов рок за легализација на дивоградби за периодот од март 2011 до октомври минатата година, односно дивоградбите што не беа опфатени со актуелниот закон. Исклучок од можноста за легализација беа дивоизградените згради, надградбите на зградите, проширените тераси, како и дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион. За легализација требаше да се платат комуналиите плус казна од 50 % од износот за комуналии. Од ресорното Министерство најавија промени на предложениот закон за легализација на дивоградби низ разговори со пратеничките групи и сите заинтересирани страни.

Во Катастарот во 2020 година вкупно биле примени 944.377 предмети, решени 944.318, а пренесени од претходната година 1.608 предмети. Вкупната бројка на останати предмети за постапување, како што велат за МИА, изнесува 1.667, од кои 1.001 во Центарот за катастар на недвижности Скопје, а останатите 666 во 29-те катастарски одделенија низ државата.

Евиденција на државниот имот врз основа на единствен идентификациски број

Од Агенцијата за катастар на недвижности велат дека покрај тековните активности годинава, планираат воведување повеќе новини со кои, меѓу останатото, ќе се овозможи јасна слика на целокупниот имот во сопственост на државата, но и мобилна апликација за сопствениците на недвижен имот.

Поаѓајќи од стратешките приоритети на Владата за модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти, АКН и во иднина ќе продолжи со имплементација на проекти и активности кои се во насока на зголемување на транспарентноста и зголемена употреба на геопросторните информации од страна на државните органи  и локалната самоуправа, појаснуваат од АКН.

Меѓу новините што ги планира Катастарот за годинава е воспоставување единствена евиденција врз основа на единствен идентификациски број (ЕИБ) за недвижниот имот во државна сопственост, како и недвижниот имот во државна сопственост што го користат државните органи и правните лица основани од државата.

Согласно одредбите од член 57 од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, Агенцијата за катастар на недвижности воспоставува единствена евиденција врз основа на Единствен идентификационен број (ЕИБ), за недвижниот имот во државна сопственост, како и недвижниот имот во државна сопственост што го користат државните органи и правните лица основани од државата.

Владата, како што појаснуваат, на предлог на Агенцијата за катастар на недвижности ќе го утврди Единствениот идентификациски број (ЕИБ), за државните органи и правните лица основани од државата.

Од Катастарот истакнуваат дека со воведување на оваа евиденција ќе се добие јасна слика на целокупниот имот кој е во сопственост на државата, како и информација за неговото користење од страна на државните органи и правните лица основани од државата.

Со оваа новина се остварува и сегментот од Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, во која се вели дека е потребно ажурирање на евиденцијата за недвижниот имот во државна сопственост, како и недвижниот имот во државна сопственост што го користат државните органи и правните лица основани од државата со примена на Единствениот идентификационен број (ЕИБ) за државните органи, обезбедување на транспарентност со опција за отворено пребарување на имотот во државна сопственост на дистрибутивниот портал, посочуваат од Катастарот.

Исто така, во 2021 година, АКН планира имплементација на веб и мобилна апликација Мој имот.

Намената на тој тип софтвер е сопствениците на недвижен имот во секое време да имаат увид во својата недвижност и правните процеси поврзани со неа, како и останати правни процеси кои можат да влијаат на нивната сопственост.

Планираат да го модернизираат системот на електронскиот катастар како и да воведат нови функционалности за забрзување на неговите работни процеси. Ќе се прави и промена во концептот на користење на апликацијата од страна на надворешните корисници за полесно користење на услугите на АКН.

Фото: Pixabay