
Парични казни од над 19 илјади евра во денарска противвредност изрекоа инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна во рамки на спроведените 1221 вонредни контроли кои беа спроведени пред Велигденските празници. Уништени се и повеќе од 272 килограми небезбедна храна, најголемиот дел од животинско потекло. Дополнително, нештетно уништени на депонијата Дрисла беа и повеќе од 40 тони небезбедни јајца по потекло од соседна Србија кои беше спречено да се прошверцуваат во земјава.
За утврдените недоследности со вонредните контроли ( пласирање на пазарот храна со поминат рок на траење, употреба на замрзанато месо (триминг) во подготовки од месо, несоодветно означени производи и други недоследнoсти), донесени се 35 решенија за нивно отстранување, изречени се и 6 опомени.
Со контролите кои беа насочени кон сите сегменти од синџирот на храна и имаа за цел спречување на пласирање на небезбедни производи и сузбивање на нелегална трговија пред Велигденските празници, утврдено е и дека 7 од објектите не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата. Три оператори немале извршено задолжителни здравствени прегледи за вработените лица и не ги исполнувале барањата во однос на стручнататa подготовка за ракување со храна, а кај 13 оператори утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите за работа.











