Казни за српските трговци кои кријат стока или ги зголемуваат цените

40

srbija

Српското министерство за трговија, туризам и телекомуникации бара од трговците во услови на вонредна состојба да не предизвикуваат нестабилност и пореметување во снабдувањето на населението со основни производи за живот и предупредува на казни доколку кријат стока или ги зголемуваат цените.

Во соопштението за постапување на трговците во услови на вонредна состојба, секторот Пазарна инспекција посочува дека секој вид на нечесна, недозволена шпекулативна работа, како прикривање на одредена стока, подигање на цените, било каков облик на условување на купувањето… ќе бидат санкционирани во согласност со Законот за трговија, пренесуваат српските медиуми.

Казната е до 17.000 евра, а заштитната мерка е забрана за извршување на дејноста во траење од шест месеци до две години и јавно објавување на пресудата.
Пазарната инспекција веќе добила неколку дојави дека поедини трговци ја користат вонредната ситуација за подигање на цените на некои артикли, а Pressonline пишуваше за случаи кога гумените чизми и флашираната вода се продаваат двојно поскапо од вообичаената цена.

И Стопанската комора на Србија апелираше до сите стопански субјекти и учесници на пазарот, во услови на вонредна состојба да се однесуваат одговорно и да бидат солидарни со загрозените.

Слична појава има и во Босна и Херцеговина, која исто така е зафатена од големи поплави. И таму поедини трговци ја искористиле тешката состојба, свлечиштата, исклучувањето на вода и струја, но најмногу стравот на населението, па основните артикли за живот ги продавале по цени и 200 пати повисоки од реалните. Министерството за трговија добило голем број повици од граѓаните и здружанијата на потрошувачи, а најмногу од Тузла. Ресорниот министер Милорад Бахиљ изјави за медиумите дека на сите кои ја злоупотребуваат тешката ситуација од поплавите, полицијата треба да им ги затвори објектите и да им ја одземе стоката.