Ќе ја преживеат ли инфлуенсерите оваа криза?

44

Ниту ѕвездите на социјалните мрежи кои имаат милиони следбеници не останаа имуни на последиците од пандемијата. Голем дел од нивните договори за рекламирање или се откажани или се ставени на пауза, бидејќи брендовите се плашат да трошат пари за рекламирање додека трае пандемијата од коронавирусот.

Иако можеби инфлуенсерите за многумина не се омилените ликови, бидејќи нивна цел е да живеат добро и тоа да го споделуваат на социјалните мрежи, сепак оваа индустрија се проценува на пет до 10 милијарди долари, пишува Bloomberg.

Истражувањата покажуваат дека повеќе од половина од младите во САД, на возраст од 13 до 38 години, купуваат врз основа на мислењата што инфлуенсерите ги пласираат на социјалните мрежи. Огромен процент или 88% од потрошувачите во САД на препораките од интернет им веруваат исто колку на оние што ги добиваат лично.

Луксузните брендови посебно сметаа на поддршката од инфлуенсерите, но сепак многу работи се менуваат додека трае пандемијата. Луѓето остануваат дома, немаат потреба да купуваат работи што би ги купиле доколку слободно можат да шетаат.

Bloomberg пишува дека не постојат официјални бројки коишто би можеле да покажат колкаво е негативното влијание на пандемијата врз оваа “индустрија“, но сепак последиците се повеќе од евидентни.

Се кратат буџетите за рекламирање, некои компании решаваат тие пари да ги пренасочат кон хуманитарни цели, па сето тоа ги принудува инфлуенсерите да бидат креативни и да смислуваат нови начини за рекламирање од дома.

Фото: Pixabay